Костадинов од СДСМ: Ги поддржуваме истражните органи да продолжат со истрагата

Градењето  независен правосуден систем ги покажува вистинските резултати. Правната држава функционира, неселективно за сите, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

„Никој не е над законите и секој ќе одговара за своите постапки. Целосно ги поддржуваме напорите на истражните органи за целосно расветлување на овој случај.

Како и досега, СДСМ ги охрабрува и ги повикува сите надлежни институции да продолжат со длабинска, независна истрага за случајот „Рекет“, да постапуваат согласно законите.

Очекуваме истрагата да продолжи онаму каде што водат доказите, да ги покаже сите детали и никој да не биде поштеден, ниту амнестиран.

Одговорност мора да понесат сите инволвирани, без разлика на политичка или на каква било друга припадност.

Обидите да се попречи правдата или истрагата да се насочи во друга насока нема да успеат.

Правосудните процеси за овој, но и за сите други случаи, мора да се спроведат до крај и правдата да биде задоволена, во интерес на граѓаните и државата“, рече Костадинов.