Костадинов порача струмичките функционери први да им помогнат на оштетените во пожарот

89

Солидарен фонд, помош за оштетените граѓани и компании и ослободување од плаќање фирмарина во следните две години, се дел од препораките на портпаролот на СДСМ и поранешен в.д. градоначалник на Струмица, Коста Костадинов за солидаризирање и помош по пожарот на трговскиот центар „Глобал“ во кој е причинета огромна материјална штета.

„Пред се како човек, секако и како поранешен советник и ВД градоначалник на општина Струмица, чувствувам должност и обврска да ги повикам моите струмичани на солидарност, која во Струмица секогаш постоела. Се приклучувам на апелот на премиерот Зоран Заев да сите оние компании кои располагаат со механизација и човечки капацитети, се вклучат и помогнат при самото расчистување на ТЦ Глобал. Секако сите да се солидаризираме и да помогнеме во заживувањето на економијата во самиот Глобал и на луѓето кои лебот го вадат од таму“, напиша Костадинов на Фејсбук.

Неговата препорака е општината да формира солидарен фонд и согласно капацитетите и законските можности да им помогне на оштетените граѓани и компании. Предлага и општината да ги ослободи оштетените од закупнина до моментот на целосно санирање на штетите.

„Сите ние кои сме ја добиле честа од граѓаните да ги претставуваме, независно дали функцијата е централна или локална, а сме од Струмица први да придонесеме во солидарниот фонд“, порача Костадинов.

Според него, има оправданост и за свикување итна седница на Советот на општината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.