Костовски: СДС ги излажа граѓаните за поврат на ДДВ

Повраток на 15% од платениот ДДВ, едно од предизборните ветувања на СДС, е огромна лага, обвинува Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-СДС ги излажа граѓаните ветувајќи им дека на крајот на секоја календарска година секое семејство ќе добие 30.000 денари од државата од поврат на ДДВ. Ветyваа дека ќе се реализира до крајот на 2017-та, а сега најавуваат дури во 2019. Граѓаните се излажани и изманипулирани. Нема пари за поврат на ДДВ, ниту во ребалансот на буџетот за 2017 година, ниту во предлог буџетот за 2018 година. Проектот со кој опозиционерот Зоран Заев ги отвораше и затвораше сите митинзи, не му е ни на крај памет на премиерот Зоран Заев.        Проектот поврат на ДДВ е само мртво слово на хартија, во памфлетот наречен „План за живот”, кој ќе остане запаметен во народната меморија како книгата со изборните лаги на Зоран Заев и СДС, истакна Костовски.

Тој вели дека граѓаните ниту биле приоритет на СДС, ниту некогаш ќе бидат.

-За СДС многу побитни се високите хонорари, како и патните и дневни трошоци за нивните функционери, отколку граѓаните. Токму затоа во буџетот за 2018 година нема пари за поврат на ДДВ, но затоа има пари за покривање на патните и дневни трошоци на хунтата на власт. Имено СДС додава 5.2 милиони евра повеќе од лани за ставката патни и дневни расходи, пари за покривање на скапите патувања на функционерите од власта. Додека пари за поврат на ДДВ нема. Нема ниту денар. Заев со примамливо спакуваните ветувања свесно ги лажеше граѓаните пред изборите лани. Една година подоцна граѓаните гледаат дека животот кој го најавуваше Зоран Заев е живот во луксуз на државна сметка за функционерите на власта, а стагнација и беда за граѓаните, заклучува Костовски.