Власта е неспособна да се организира и да воспостави протоколи кои ќе се почитуваат, вели Костовски

Полицискиот час и карантинот за викенд не се решение за зголемениот број на заболени од КОВИД-19. Проблемот не е полицискиот час, туку немањето на систем и непочитувањето на протоколите што е работа на државниот апарат, истакна Дарко Костовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Власта е неспособна да се организира и да воспостави протоколи кои ќе се почитуваат. Во исто време кога се воведува полициски час, утредента автобусите се преполни со граѓани, а метежот значи нови корона кластери. Шалтерите на институциите се преполни со граѓани кои со право сакаат навремено да ги исполнат своите обврски. Тоа значи дека власта нема план. Неспособноста за организација го турка целото општество во хаос, а економијата кон провалија.На државата не и треба полициски час, и требаат протоколи кои ќе се спроведуваат, заштитна опрема подостапна за граѓаните и секако вакцини, вели тој.

Оценува дека најлесно е да се прогласи карантин.

-Заев и Филипче не знаат ништо друго и од почетокот на кризата до денес работат стихијно, без план, без програма. Организираме попис во пандемија, а сакаме да прогласуваме карантини. Немаме вакцини, а ќе одиме во попис. „Блумберг“ не објави како 118 од 122 држави по бројот на вакцинирани. На дното од дното сме. Наместо вртење во празно фатете се за работа. Македонија, животот, здравјето на граѓаните и економијата не можат да издржат уште една егзибиционистичка пролет, рече тој.