Му честитам на македонскиот претседател, г-дин Пендаровски! За првпат од 1944 година ја слушаме од Скопје вистината за Гоце Делчев! Да, тој се прогласи за етнички Бугарин, без толкувања!, напиша во понеделникот на социјалните мрежи Андреј Ковачев, европратеникот кој застапува тврди тези за спорните револуционери во договарањето на комисиите од македонска и бугарска страна.
Статусот на Ковачев е во врска со изјавата на претседателот Стево Пендаровски од петокот, кога во интервју за „360 Степени“, рече дека „Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава“.
Пендаровски вели дека станува збор за два неспорни историски факти и ова го нуди како компромисен пристап кон ликот и делото на револуционерот чие дефинирање донесе тензии на релација Софија-Скопје во изминатите денови и се заканува одново да ги затегне односите меѓу двете земји.
И еве можеби да излезам надвор од мојот мандат, бидејќи во изминативе неколку недели имав интензивна комуникација со луѓе што се разбираат во таа работа, затоа што јас сум сигурен дека тоа постепено станува политички проблем. Тврдам дека тоа допрва ќе станува политички проблем ако пристапот од бугарска страна продолжи да биде ваков. Значи, неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку познавање од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава? Автономија, независна држава, па дури на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија, рече Пендаровски во интервјуто.
На ова бугарскиот европратеник Ковачев во својата објава додава појаснивања.
Вистина е, исто така, дека тој се борел за автономна Македонија во рамките на Отоманската Империја. Многу подоцна, македонските Бугари Тодор Александров и Иван Михајлов поставуваат за цел на ВМРО независна Македонија, ослободена од српската окупација!
Модерните Бугари и модерните Македонци се наследници на овие големи Бугари! Оваа вистина треба да биде потврдена и од билатералната комисија, како го бара договорот за пријателство и добрососедство и да биде ставено во наставниот план на двете страни!
Сите преродбеници и револуционери, како Григор Прличев, Браќа Миладиновци, Рајко Жинзифов, Дамјан Груев, Борис Сарафов, Васил Чакаларов и многу други од дејци на ВМРО, исто така, се декларирале како Бугари.
Самата организација ВМРО е основана во 1893 година како Бугарски Македонско-одрински револуционерен комитет, по примерот на Бугарскиот Таен Револуционерен Комитет на Васил Левски!, толкува Ковачев.