Ковачевски ја поднесе кандидатурата за лидер на СДСМ и вети обединување

Ја поднесов мојата кандидатура за претседател на политичката партија СДСМ, а ја доставив и мојата програма со наслов „Заедно, одговорно и посветено“, рече кандидатот за наследник на Зоран Заев во СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната средба со новинарите пред партиското седиште во Скопје.

– Мојата програма се базира на три основни столбови, а тоа се социјалдемократската визија, јасни социјалдемократски вредности од коишто извираат принципите и резултатите, економски раст, посветеност кон економските политики и зголемувањето на животниот стандард на граѓаните, како и јасен систем во којшто најдобрите ќе ја добијат одговорноста и шансата за унапредување на системот и исполнување на сите проекти коишто се ветени пред граѓаните. Секој член на партијата е значаен, секој член на партијата ќе го даде својот глас, а тоа е доказ дека партијата работи во насока на демократија и организација – рече Ковачевски.

На прашањето на што се должи дебаклот што го доживеа СДСМ на последните локални избори, Ковачевски одговори дека најголема улога одиграло неединството.

– Актуелното партиско раководство е избрано само пред седум-осум месеци, па ако го анализираме изборниот резултат од локалните избори, тој се должи на СДСМ настапи без дел од своите коалициски партнери, а и дел од партиските членови настапија со свои листи и со свои кандидати. Една од моите основни заложби ќе биде да го вратиме единството во партијата. Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме да го унапредиме нашето општество, имајќи го предвид јасниот пат на нашата држава кон ЕУ – рече Ковачевски.

За одлуката на Фросина Ременски да се кандидира за лидер на СДСМ, Ковачевски рече дека тоа само го потврдува демократскиот капацитет на партијата.