Ковачевски: Ќе ги искористиме сите правни можности за отстранување на таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија

Таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија во износ од повеќе од 10 евра за мегават час е нелегална, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека како држава ќе ги искористиме сите правни можности кои ни стојат на располагање за нејзино отстранување.

– Се работи за нелегално воведена такса која треба да се отстрани или да биде зголемен капацитетот на постоечкиот гасовод со што би се овозможило земјава да се снабдува од други извори. Ние ќе ги искористиме сите правни можности кои и се даваат на една суверена држава и пред ЕУ и пред другите меѓународни институции, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на Србија заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ.

Нагласи дека се работи за нелегална такса која ЕУ ја воведе за транспорт на гасот низ Бугарија.

– Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја воведе Бугарија. Тоа е точно. Но, мораме да знаеме дека Бугарија е членка на ЕУ и не може таа од утрото да биде земја – членка на ЕУ кога ќе стави на пример вето, а попладне да не биде членка и потоа да воведе такса од 10 евра за гасот кој се транспортира низ Бугарија, прецизира Ковачевски.

Ние, посочи, ова прашање го упативме и до ЕУ и до Бугарија, а разговаравме и со бугарската Влада.

– Она што Македонија има како дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија, кој е единствен што во моментов го имаме, е даден во стопроцентен закуп на Газпром од страна на Бугарија. Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да набавуваме и од други извори на гас покрај рускиот, истакна Ковачевски.

Премиерката Брнабиќ рече дека се согласува со ставот на Ковачевски и додаде дека за тоа очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.

– Во се се согласувам со мојот колега Ковачевски и се разбира ќе работиме на ова заедно. Покрај тоа, ние наскоро, до крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград за да се приклучиме на алтернативни извори на гас. Предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се занимаваме со ова прашање. Како што рече Ковачевски, секако тука ја очекуваме и поддршката од ЕУ и разбирањето од колегите во Бугарија, посочи Брнабиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.