Ковачевски: Има медиум чија уредувачка политика повеќе наликува на компанија што тргува со енергенси, за ставот на Ахмети побарајте одговор од него

-Транспарентноста во државата е унапредена во последнава година и никогаш не се случило кој било уредник или новинар да добие повик од Владата за да се влијание врз уредувачката политика на медиумите, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање во врска со јавното етикетирање на две телевизии од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Коментирајќи ја синоќешната изјава на Ахмети во која тој изрази незадоволство од медиумското известување на две телевизии во врска со случувањата во неговата партија, Ковачевски рече дека таквата изјава веројатно е дадена врз основа на одредени факти и упати објаснување за тоа да се побара од лидерот на ДУИ.

– Можам само да кажам мое лично мислење за тоа како одредени медиуми за однесуваат. Во државата има медиум чија уредувачка политика повеќе наликува на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција на која беше презентирана реализацијата на капиталните инвестиции во земјава во 2022 година.

Тој истакна дека нема да дозволи враќање на некои минати времиња и дека денес медиумите можат слободно да ја одредуваат својата уредувачка политика така како што сметаат, додавајќи дека постојат институции во државата што го регулираат работењето на медиумите и тие се независни од Владата.