Ковачевски-Катлер: Навремената размена информации и соработката меѓу членките на НАТО е важна за безбедноста на земјата и регионот

Навремената размена информации и соработката меѓу земјите членки на НАТО е важна за безбедноста на Македонија и на целиот регион, беше еден од заклучоците на средбата во Скопје во вторникот меѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски со помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер.

„На состанокот е разговарано, во прв ред, за воената агресија на Русија кон Украина и понатамошното влијание на овие случувања врз глобалната енергетска состојба и врз прехранбената индустрија“, објави владината служба за односи со јавнноста.

Ковачевски на средбата ја истакнал „цврстата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“ и посочил дека Маледонија ќе ја продолжи „политичката и практичната поддршка со цел да ѝ се помогне на Украина да се одбрани и да ги оствари своите суверени права“,.

Од Владата додавааат дека „оваа позиција беше поздравена“ од помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер „како исклучително важна“ за Алијансата.

Ковачевски и Катлер на состанокот разговарале и за безбедносната, политичката, економската и енергетската состојба во државата во контекст на војната во Украина, а на состанокот било посочено дека соработката меѓу земјите-членки на НАТО е од исклучителна важност за безбедноста, како на Алијансата, така и на регионот и на Македонија како НАТО членка.

Било разговарано, исто така, и за справувањето со хибридните закани, што е еден од главните приоритети на НАТО, посочувајќи дека Алијансата мора ефикасно да се бори против ваквите закани.

Ковачевски и Катлер, покрај тоа, си изразиле и заемна благодарност за соработката на Македонија со НАТО, особено во делот на добивање навремени информации и соработката со македонските безбедносни служби.