Ковачевски: Кризата не научи дека мора да се инвестира стратешки

Секоја криза претставува и можност. Оваа криза не научи дека мора да се инвестира стратешки, порача премиерот Димитар Ковачевски на економскиот форум „Заматен поглед нанапред: Многубројни неизвесности ги поткопуваат економските изгледи?” што денеска се одржува во Скопје во организација на „Finance Think“.

Говорејќи за електроенергетскиот систем и за земјоделството, Ковачевски рече дека во изминатите години незначително е инвестирано во енергетиката, а во делот на земјоделството немало стратешки пристап за она што треба да се произведува и не сме успеале како држава да го намалиле увозот на храна.

– Треба да се поддржува земјоделството. Тоа е стратешка дејност во секоја држава, меѓутоа кога ќе ја погледнеме висината на дадените субвенции и дека тие се даваат на обработени површини, а не на тоа колку имаме производсвто, тогаш доаѓаме до заклучок дека во изминатите 15 години не сме имале стратешки пристап како држава во однос на тоа што сакаме да произведуваме и не сме го намалиле увозто на храна. Оваа криза не научи дека мора да се инвестира стратешки. Затоа е направен нов интервентен фонд, каде клучни за инвестирање се пченката, пченицата, јачменот, сончогледот, овоштарството и сточарството, истакна Ковачевски.

Од годинава, како што најави, како новина, првично во овоштарството, ќе биде воведена авансна исплата на субвенциите и тоа на принципот 30 проценти пред да започне сезоната и 70 проценти потоа.

Во делот на енергетиката, Ковачевски посочи дека има јасна слика како ќе се движи домашното производство на електрична енергија. Во втора фаза е проектот Чебрене-Галиште за кој се заинтересирани девет понудувачи, а пред 10-тина дена е пуштена во употреба првата фотоволтаична централа на старите наоѓалишта на јаглен во Осломеј.

– Тоа е државна инвестиција помогната со Европската банка за обнова и развој. Тука се планирани и ќе отпочнат со градба уште две од по 50 мегавати фотоволтаични централи коишто ќе бидат изработени по принципот на јавно-приватно партнерство со компании од Турција и Бугарија и уште една 10 мегавати која ќе биде во сопственост на ЕСМ Македонија. Со тоа ќе се замени 120 мегавати работата на Осломеј на јаглен со 120 мегавати од фотоволтаици и тоа е прв пример во Југоисточна Европа, рече Ковачевски.

Во однос на Буџетот, Ковачевски посочи дека тој е ликвиден и непречено се извршуваат сите исплати, а на нула се сведени сите набавки на мебел и автомобили, со исклучок на Канцеларијата на РСМ во Виена бидејќи идната година земјава ќе претседава со ОБСЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.