Ковачевски на аудиенција кај папата, продлабочување на соработката со Ватикан

По повод одбележување на 24 мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, македонскиот премиер Димитар Ковачевски со владина делегација во рамките на посетата на Рим и Ватикан во понеделникот имаше „тет-а-тет“ средба, а потоа и аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Ковачевски притоа изразил благодарност за посетата на папата на Македонија во 2019 година којашто беше прва посета на поглавар на Римокатоличката црква одблежана  како историска.

„За време на разговорот на средбата со pапата Франциско беше истакната улогата на светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа“, соопштија од Владата.

Соговорниците на состанокот истакналњ дека духовните врски преку цивилизациското наследство на Мајка Тереза и Светите Кирил и Методиј, се преточуваат и во пријателски политички односи со Ватикан кои во последните години се потврдени и низ зголемената динамика на билатералните средби на највисоко ниво.

На средбата станало збор и за подготовките на двете страни за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Македонија и Светата столица за регулирање на статусот на Католичката црква во нашата земја со што ќе се отворат нови потенцијали за соработка во повеќе области од взаемен интерес.

Премеирот во таа пригода на папатра Франциск му подарил рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски.