Ковачевски: На Европа ќе ѝ се покаже дека Балканот може да биде пример за добра соработка

Нов ентузијазам за изнаоѓање решенија во Мешовитата историска комисија, најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, по заедничката меѓувладина седница во Софија. Петков истакна дека ко-претседавачите Драги Ѓеоргиев и Ангел Димитров најавиле дека ќе имаат прогресивен поглед кон заедничката задача.

Заедно со работата на новоформираните работни групи за економија, инфраструктура, транспорт и култура, премиерот Ковачевски пак, рече дека пред Европа ќе се покаже дека Балканот може да биде пример за добра соработка, пренесува Алсат.М

„Во однос на политичките прашања критериум за успешност, доколку низ разговор на сите овие Комисии, нормално низ еден политички дијалог помеѓу владите и другите чинители, согласно уредувањето на државите, да постигнеме договор во догледен период да имаме прва Меѓувладина конференција со Европската унија“, рече  Ковачевски

„Професорите од двете држави покажаа дека се подготвени овој нов бран на дополнителна енергија да се прелее во конструктивен тон и конструктивен разговор и во овој момент нема да правиме кадровски промени, но тоа што се израдував е дека кога оваа Историска комисија е една од пет, целосниот тон на разговорот е само во насока на конструктивен дијалог и постигнување реални резултати“, одговори пред новинарите неговиот бугарски колега по должнност Петков.

Бугарскиот премеир истакна дека пред зачестените средби, односите меѓу двете земји имало многу ниско ниво на соработка и очекува дијалогот да ги замени национализмот и говорот на омраза.

Ковачевски, пак, прашан за барањето за запишување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, не ја исклучи можноста за отворање на Уставот. Тој на брифинг со новинарите рече дека уставните измени се процес кои како држава мора да се направи на патот кон еу, бидејки ќе мора да се адаптира Уставот и со оглед на тоа што државата е мултиетничка имаат право заедниците да побараат да бидат дел од Уставот за што е потребно двотретинско мнозинство.

„Нормално дека такво нешто се случува, на патот на една држава кон Европската унија, бидејќи тогаш се отвора Уставот, со цел да и други адаптирања на Уставот се направат, тогаш низ тој процес сигурно ќе бидат опфатени и тие прашања, врз основа на барањата на граѓаните“, рече Ковачевски.

„Му благодарам на премиерот Ковачевски што толку јасно ја изрази ситуацијата во врска со правата на Бугарите во Северна Македонија и едновремено да кажам дека на ова паралелно ќе работат Министерствата за надворешни работи додека стануваат јасни резултати како авиолинија, нови патишта“, се надоврза Петков.

На тет-а-тет средбата пак, двајцата премиери истакнале дека динамиката со која се реализира заедничката седница како и почетокот на активностите на работните групи ја потврдува нивната заложба да бидат поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи