Ковачевски на конец, вечер на средба со партнерите во Владата кои му откажуваат „љубов“ поради францускиот предлог

Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот СДСМ со прифаќањето на предлог на француското претседателство со Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската унија, освен што го предизвикаа гневот на граѓаните и масовен протест во саботата, се соочуваат и со истапување од владејачката коалиција на помалите партнери и извесно губење на мнозинството во парламентот.

Како што дознава НетПрес од извори запознаени со ситуацијата во коалицијата, раководствата на трите помали коалициски партнери на социјалдемократите – Либерално-демократската партија (ЛДП), Демократскиот сојуз (ДС) и Демократска обнова на Македонија (ДОМ), децидно се против прифаќањето на споменатиот наводно модификуван француски предлог, оценувајќи, како што велат соговорниците, дека е на штета на македонскиот идентитет.

Покрај тоа, според челниците на овие партии, тоа бездруго ќе има катастрофални последици по довербата на избирачите на владејачката гарнитура.

За неприфаќањето на ткн француски предлог од страна на партиите предводени од Горан Милевски, Павле Трајанов и Маја Морачанин, по извесни консултации во врвовите на власта во текот на вчерашниот ден, информациите дошле и до Ковачевски кој во разговор со еден од споменатите челници дури се заканил и со своја оставка, алудирајќи веројатно и на губење на власта. На тоа, како што велат владини извори на НетПрес, на премиерот му било предочено дека во секој случај доколку инсистира на прифаќање на францускиот предлог, тие сигурно не би останале во Владата предводена од СДСМ. Поради тоа, како што дознаваме, Ковачевски закажал итен состанок со тројцата лидери за вечерва во 20 часот.

Најверојатно поради таквата алармантна состојба по опстанокот на коалицијата водена од СДСМ, доцна вечерта во саботата беше објавено дека по барање на премиерот Димитар Ковачевски денеска во 15 часот ќе се одржи лидерска средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. На лидерската средба, премиерот и лидерот на опозицијата ќе дискутираат околу францускиот предлог, според најавата од Владата.

Инаку, на протестот од 18-ти јуни, Мицкоски рече дека со Ковачевски би се сретнал само за од него да побара да се одржат предвремени парламентарни избори, така што, се очекува тоа да биде позицијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и денеска.

Но, сега, по најновата ситуација во коалицијата на СДСМ, се поставува прашањето дали Ковачевски со Мицкоски ќе зборува само за францускиот предлог или, пак, може на опозицијата да и понуди дури и широка коалиција во власта за надминување на политичката криза. А таа многу веројатно забрзано ќе се продлабочува, имајќи го предвид неуспехот на Владата да се справи со сѐ поостриот раст на цените и соодветно пад на животниот стандард на граѓаните.

Мицкоски беше присутен на опозицискиот протест пред владата на кој присуствуваа повеќе од 50.000 граѓани, пред протестот изјави дека не е можно да не се послушаат барањата на толкав број на граѓани кои кажуваат „Не“ на ултуматумот од Бугарија и ЕУ.

Инаку добивањето на предлогот од Париз и по жестоките масовни реакции во македонската јавност, премиерот Ковачевски најави широки консултации со коалициските партнери, со шефот на државата, со парламентот, со граѓанскиот сектор, како и со опозицијата.

Во таквата атмосфера, денеска напладне ќе се одржи состанокот на Советот за безбедност кај шефот на државата, Стево Пендаровски, е најавен за во 12 часот. Пендаровски за денеска напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија.

На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, меѓу кои е и премеирот Димитар Ковачевски, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, предвидено е изјава да даде претседателот Стево Пендаровски, соопшти прес-службата на шефот на државата.