Ние не можеме постојано да бидеме заложници на самитите на Европската Унија за тоа дали ќе има датум или нема да има датум. Подгревање на очекувања како што беше во минатото за тоа што ќе се случи на некој самит не зависи од Северна Македонија. Тоа исклучиво зависи дали 27-те членки ќе се усогласат и ќе донесат одлука за отпочнување на првата меѓувладина конференција Тоа во моментов зависи од само една земја-членка на ЕУ којашто држи две земји-членки, две кандидатки – Северна Македонија и Албанија на патот за интеграција во Унијата.
Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц кој е во официјална посета на државава.
Во однос на политичките турбуленции во Бугарија, откако партијата „Има таков народ“ најави напуштање на Владата во Софија, Ковачевски истакна дека ние на ниту еден начин не можеме да учествуваме во нивното или коментирање или на кој било начин толкување, со оглед на тоа што ние сме држава што води активни разговори со Бугарија.
„Тие разговори се водат на принципиелна основа на база на европски вредности. Ние во текот на преговорите со целиот свој капацитет учествува МНР, СЕП и тоа врз основа на одредбите од Резолуцијата што ја имаме донесено во нашето Собрание. Во однос на самите преговори јас веќе истакнав до сега дека кога се работи за преговори тогаш еден од предусловите преговорите да бидат успешни се страните што преговараат да бидат доверливи во процесот, односно да сакаат да се дојде до решение. Ние сме страната која што сака да се дојде до решение, ги кажав принципите врз основа на кои. Исто така и Бугарија треба да биде подготвена тоа да го направи“, рече Ковачевски.
Меѓутоа, додаде Ковачевски, постои една голема разлика помеѓу нас и Бугарија и ова прашање за нас, рече тој, беше прашање на преговори заради отпочнување на преговори со ЕУ.
„Ние во ниту еден момент како Влада и како владејачко коалиција прашање не го инструментализиравме и не го политизиравме заради дневни политички поени или водење на внатрешна политика во државата. Сосема спротивно на тоа во Бугарија ова прашање беше издигнато на ниво на внатрешна политика во нивната држава. Често пати беше еднострано инструментализирано и политизирано што не е добро. И затоа од тој аспект не би сакал да ги коментирам претпоставките што се појавуваа во медиумите за одредени барања на бугарската страна со оглед на тоа дека сите барања, сите отворени прашања се предмет на разговори помеѓу МНР“, нагласи Ковачевски.
Премиерот повтори дека откако МНР ќе дојде до документ што е заемно прифатлив за двете страни тогаш ќе може да бидат споделени тие документи со институциите во двете држави и оти во овој момент таков заемно прифатлив документ не постои.
Ковачевски, на прес-конференцијата со Шолц уште еднаш се заблагодари на поддршката од Германија за отпочнување на преговорите со ЕУ.
„Триесет години досега Сојузна Република Германија го докажа своето пријателство со нашата држава. Во текот на тие 30 години Северна Македонија донесе голем број тешки одлуки, голем број реформи и секогаш со нас и до нас беше и германската држава, германската администрација и канцеларот на Германија така е и денес. И тој ја пренесе недвосмислената поддршка на Германија за европската интеграција на Република Северна Македонија и тоа час поскоро“, заклучи премиерот Ковачевски.
Ковачевски и Шолц претходно имаа тет-а-тет средба на која беше истакнато дека во пресрет на јунскиот самит на ЕУ под претседателство на Франција, од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на процесот за проширување со почеток на преговорите за Северна Македонија, како земја којашто ги исполни сите критериуми и услови, и како стратешка одлука од безбедносно значење за Европа.
Ние не можеме постојано да бидеме заложници на самитите на Европската Унија за тоа дали ќе има датум или нема да има датум. Подгревање на очекувања како што беше во минатото за тоа што ќе се случи на некој самит не зависи од Северна Македонија. Тоа исклучиво зависи дали 27-те членки ќе се усогласат и ќе донесат одлука за отпочнување на првата меѓувладина конференција Тоа во моментов зависи од само една земја-членка на ЕУ којашто држи две земји-членки, две кандидатки – Северна Македонија и Албанија на патот за интеграција во Унијата. (МИА)