Ковачевски од скопското Кале: Обединети можеме да ја добиеме и следната битка – полноправно членство во ЕУ

Денеска Република Северна Македонија е успешна мултиетничка приказна која ѝ е подеднакво потребна на Европа, како што Европа ни е потребна нам. Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски во својот говор одржан на манифестацијата на тврдината Кале во Скопје по повод 2 Август, Илинден.

„Обединети ја добивме битката за членство во НАТО, обединети можеме да ја добиеме и следната битка – полноправно членство во Европската Унија. Тоа го направивме со поуките од минатото и со поглед кон иднината, со чекори напред, а не назад“, рече Ковачевски.

Ковачевски рече дека длабоките демократски принципи на кои се засновала Крушевската Република, изразени во крушевскиот Манифест, кој прокламира еднаквост, не случајно денеска се темелите на современата Република Северна Македонија.

„Денес, 2023 година, Република Северна Македонија е 30. полноправна членка на НАТО-алијансата со отворени перспективи до 2023 година да ја оствари и другата стратешка цел – членството во Европската Унија. И денеска Републиката има потреба од нова државнича одлука на денешната генерација народни избраници со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот“, порача премиерот.

Премиерот рече дека како членка на НАТО, земјава го осигури својот територијален интегритет, а успеа да седне и на европската маса и да го отвори преговарачкиот процес.

„Поставувајќи го македонскиот јазик на исто рамниште со останатите европски јазици. За тоа е доказ потпишаниот договор со Европската комисија за Фронтекс на македонски јазик, како и преведувањето на целото европско законодавство на македонски јазик“, додаде тој.

Премиерот ја истакна важноста на меѓународната поддршка што ја добива земјава, посочувајќи колку би била негативна изолираноста.

„Изолирани ние можеме да говориме, можеме дури и да бидеме најгласни. Но кој ќе нè слушне?! Од изолирана држава, по цела деценија, со мудри, храбри и одважни одлуки, успеавме да ја обновиме и засилиме меѓународната поддршка, како никогаш досега. И затоа што знаеме колку тешка борба беше тоа, денес будно го чуваме нашето исконско македонско и нашата мултиетничка држава, која е препознаена како функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа“, рече тој.

Премиерот Ковачевски ја предводеше владината делегација во чиј состав беа првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Оваа и други делегации положија свежо цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа”.

Манифестацијата продолжи со културно-уметничка програма.