Ковачевски – Петков: Новата динамика во комуникацијата на работните групи дава оптимизам

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски на маргините на Состанокот на премиерите на земјите членки на НАТО од Jугоисточна Европа што денеска се одржа во Софија, оствари билатерална средба со бугарскиот премиер Кирил Петков.

На средбата уште еднаш беше потврден заедничкиот, координиран пристап во менаџирањето на ризиците од војната во Украина, при што приоритетно се издвоени соработката за справување со бегалската криза, на кризата во снабдување со енергенси и со основните стратешки прехранбени производи.

Двајцата премиери на средбата изразија задоволство од резултатите од работните групи договорени на заедничката седница на двете влади во Софија.

Беше оценето дека досега потпишаните договори и меморандуми за соработка укажуваат на сериозен напредок во дијалогот на двете земји што го унапредува односите помеѓу двете земји.

Премиерите Ковачевски и Петков изразија согласност и понатаму да ја задржат високо изразената политичка волја на двете страни за фокусирано исполнување на сите одредници кои си ги поставија Скопје и Софија за унапредување на меѓусебните односи.