Ковачевски пред средбата Вучиќ – Курти: Сакаме во ЕУ заедно со нашите соседи, сакаме модерен и мирен Балкан

Ние сме политичари и треба да носиме одлуки, некои се и тешки, државнички, не е тоа лесно, но ние мора да бидеме на висина на задачата во интерес на нашите земји и граѓани, рече во обраќањето во вилата „Билјана“ премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на разговорите меѓу претседателот на Србија Алекснадар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти.

„Мојата визија е развиен, модерен и интегриран Балкан во ЕУ. Кон тоа се стремиме и за тоа работи нашата Влада и затоа даваме поддршка на овој денешен дијалог“, рече Ковачевски.

Ковачевски истакна дека Охрид не случајно е избран како место за важните разговори на највисоко ниво меѓу Белград и Приштина и потсети дека тука е постигнат Охридскиот договор кој се покажа како многу важен за натамошниот развој на Македонија. Премиерот потсети и на Преспанскиот договор и на договорот со Бугарија и рече дека како успешен модел на повеќеетничка државата дојде и до членство во НАТО и е во преговори за членство во ЕУ.

Тој нагласи дека стандардот на граѓаните е во прв план и дека затоа заложбата е членство во ЕУ.

„Ќе направам се што можам за да дадам поддршка на процесот на унапредување на односите на Балканот. Ќе одам и во Њујорк и во Вашингтон за добро на тој процес и за добро на целиот регион кон целосна интеграција во НАТО и во ЕУ“, рече Ковачевски.

Премиерот на учесниците во охридскиот дијалог им посака успешни разговори и наглаи дека нормализирањет  на односите меѓу Србија и Косово е важна работа за целиот Балкан.