Ковачевски прв требаше да го смени министерот за образование, во времето на „режимот“ имаше компјутер за секое дете, а сега нема ниту учебници, рече Зравковски

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски на денешната седница на Собранието истакна дека Ковачевски наместо да го разрешува министерот за информатичко општество, требало да почне од министерот за образование, Јетон Шаќири чија неспособност најмногу боде очи и не може цела година да обезбеди учебници.

„Додека овој човек не го знаеме, па има затоа и луѓе кои што си ги знаеме од министриве и мислам дека таму требаше дечково што требаше да биде тука, ама нема доблест да седи и да не слуша, во ликот и делото на премиерот Ковачевски, тој требаше да си смени таму кај што се бодат најмногу очи. Најмногу очи се бодат во образованието, затоа што еве кога сме кај дигитализацијата, вчера баш се потсетив. Во времето на таканаречениот режим од ваша страна јас се сеќава дека имаше компјутер за секое дете и имаше компјутер за секој наставник, а сега ниту има учебник, а не па да зборуваме за компјутери и мислам дека сте за гревови за реформите во образованието“, истакна Здравковски.

Тој исто така нагласи дека на Ковачевски никој не му верува дека става најквалитетни кадри кога не може две институции меѓу себе да имаат некаква комуникација.

„Овој, ајде да речеме министер, сакал да направи некаква дигитализација, односно потпишал некој договор “Digital Europe”, арно ама кај нас ништо не се знае, не се знае кој јаде кој пие, кај нас институциите не се меѓусебно поврзани. Еден хакерски напад, или можеби ова е навистина некаква одбрана поради неспособност оти немаат навремени апдејти, некаков хакерски напад да ти го бутне системот и да не можат 40 илјади луѓе да земат плата да земеме да се удавиме кај жабите во барата. Јас не знам дали вие мислите некој му верува во оваа држава на човекот кој што треба тука да седи, ама не е тука моментално, на Ковачевски. Дали му верува некој на Ковачевски дека става најквалитетни кадри? Па кои се тие најквалитетни кадри кога не може две институции меѓу себе да имаат некаква комуникација, а велиме дека дигитализацијата ни е неопходна за да можеме да имаме некаков прогрес“, потенцираше Здравковски и додаде:

„Дополнително законот за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор го направивте попара. Попара која што тргна од Јована Тренчевска со тој вашиот закон за минимална плата каде што ниту се почитуваа колективни договори, ниту се почитуваа законите каде што треба да има скалесто покачување. Вие тргнавте да правите нешто, а после тековно ќе сте ги решавале работите и сега гледаме дека цела јавна администрација е незадоволна од вашите закони кои што ги носите и кои што треба да ги спроведува овој министер или да се бори барем за вработените во јавната администрација на кои што тој им е претпоставен и токму затоа во моментов гледаме дека пред собрание еден дел од таа администрација си протестира, арно ама вие од задната страна бегате за да не бидете забележани“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.