Ковачевски: САД имаат јасна порака, нашата земја е фактор на стабилност и во Европа не само во регионов

Имаме голема, силна и конкретна поддршка од САД за следниот чекор во европските интеграции, објави премиерот Димитар Ковачевски, кој информира дека денеска имал средба со американската амбасадорка Анџела Агелер.

„На денешната средба што ја имав со американската амбасадорка Агелер е реафирмирана јасната порака од нашиот стратешки партнер САД дека С. Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста на регионот и на Европа и по членството во НАТО, треба да стане членка на ЕУ. Го споделуваме очекувањето дека сите политички лидери и партии ќе го поддржат европскиот пат на државата и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието“, објави Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук.

Како што претходно во петокот објави владината служба за односи со јавноса, премиерот Димитар Ковачевски денеска имал средба амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, за суштинските прашања во врска со напредокот на Македонија во евроинтеграциите, при што, како што соопшти владината прес-служба, е посочено на важноста – сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата.

Притоа, како што се истакнува во соопштението, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието.

„Како Влада, ја почитуваме добронамерноста на нашиот голем и стратешки партнер САД, како и на другите пријателски држави, членки на НАТО и ЕУ коишто нè поддржуваат во следниот исчекор во евроинтеграциите, којшто има одредувачка насока кон полноправното членство на нашата држава во ЕУ. Реално е очекувањето тоа да се случи до 2030 година и подготвени сме со уште посилен интензитет да работиме на потребните реформски процеси. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на Европа, со европски квалитет на живот и европска иднина за младите, во родната земја“, рекол Ковачевски.

Од владината служба истакнуваат и дека е реафирмирана јасната порака на САД дека Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што, државата има силна и конкретна поддршка од САД.

„На средбата со американската амбасадорка Агелер, како и при средбата на премиерот Ковачевски со сенаторот Крис Марфи во Скопје и на средбите со високите американски претставници Блинкен и Ескобар во САД, е потврдено искреното долгогодишно пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, кое што се развива на принципите на доверба и разбирање“, информира владината прес-служба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.