Ковачевски-Шулц: Обединетоста околу социјалдемократската платформа е влог во просперитетна иднина на земјата и регионот

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска се сретна со Мартин Шулц, претседател на фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент.

На средбата беше разговарано за севкупните активности на фондацијата во регионот и во Македонија, како и за актуелните случувања во земјава, информираат од владината служба за односи со јавноста,

Заеднички било оценето дека политиките коишто „ги носи актуелната Влада, а кои се темелат врз социјалдемократски постулати, резултираа со развој и унапредување на демократијата, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи. Директен резултат на овие политики е и исполнувањето на нашата стратешка цел, членство во НАТО, како и започнувањето на преговорите со ЕУ“.

Премиерот Ковачевски на средбата го информирал Шулц за предизвиците со кои се соочува Владата во делот на евроинтеграцискиот процес и изразил благодарност за силната поддршка од страна на ЕУ за отпочнување на пристапните преговори и за најголемата придобивка, како што се истакнува во информацијата на Владата, за која се изборила: „целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет“.

На средбата било разговарано и за актуелната економска и енергетска криза и нејзиното надминување, како и за политичката клима во земјава пред отпочнување на собраниската процедура за уставните измени.

Претседателот на фондацијата „Фридрих Еберт“, Мартин Шулц, кој своевремено беше неуспешен кандидат за канцелар и челник на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), го изразил своето силно уверување дека негувањето на социјалдемократските вредности и вложувањето во заштитата, почитта и сигурноста на граѓаните се сериозна инвестиција во демократска и просперитетна иднина.

Ја истакнал важноста од постоење на една силна социјалдемократска платформа во регионот која ќе го гарантира обединувањето околу вистинските демократски вредности.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за придонесот од „Фридрих Еберт“ фондацијата за европските интеграции, унапредувањето на политичкиот дијалог на Северна Македонија и изрази уверување дека со континуирана и посветена работа и носење храбри одлуки, ќе се обезбеди посигурна иднина.