Ковачевски со цинична насмевка ја понижи Македонија пред цела Европа, оставка и извинување е најмалку што треба да направи, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Понижувањата кои СДСМ и Ковачевски и ги приредуваат на Македонија немаат крај. Ковачевски наместо да ја застапува и штити Македонија, тој на понижи пред цела Европа. Наместо да ги штити македонските државни и национални интереси, Ковачевски со широка и цинична насмевка ги распродава, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека крајно срамно и неодговорно е еден премиер со насмевка да одобрува понижување на државата во време кога се загрозени нејзиниот идентитет, јазик и историја.

– Да биде пострашно и позапрепастувачки Ковачевски со насмевка одобри Македонија да ја наречат идна Западна Бугарија во истиот период кога токму од Бугарија бараат да прифатиме дека се што било на територија на Македонија до 1944 било бугарско. Дали тоа значи дека Ковачевски веќе го одобрил тоа, па сега му е смешно дека македонската јавност се уште не е известена? Очигледно Ковачевски едно зборува дома, а друго прави надвор и позади завесата, исто како што правеше неговиот ментор Заев. Со ова уште еднаш се потврди дека Ковачевски не е ништо повеќе од обичен пион и спроведувач на антидржавните и анационални политики на Зоран Заев. Ковачевски со ваквата постапка го погази достоинството на македонската држава и македонскиот народ и не е достоен да ја носи функцијата премиер. Поради овој скандал потребно е веднаш да си поднесе неотповиклива оставка и да му се извини на македонскиот народ, се истакнува во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ додава дека понижувањата и распродажбата на државните и национални интереси од СДСМ мора да престанат и го повикува народот на 18-ти јуни преку протест јасно да покаже дека оваа власт мора да си замине.