Ковачки: Ахмети ги понижува и Албанците со споменикот, наместо да промовира проекти, промовира национализам, изненадува што нема реакции од власта

Али Ахмети лидерот на ДУИ сака својот неуспех во владите на Македонија да го прикрие со национализам и секогаш е така. Тоа што вчера се случи со отворањето на 20 метарскиот споменик не е ништо други туку газење на достоинството на Македонецот и понижување и деградација на самите Албанци. Ахмети ја понижува нивната интелигенција, наместо да промовира проекти, промовира национализам, изјави за „Што не јасно“ на Алфа, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Ковачки истакна дека изненадува зошто нема реакција од власта и претседателот како врховен командант на армијата.

– Очигледно е дека станува збор за некаков договор и веројатно власта ќе почека да види мислење на јавноста за да излезе со одреден став. Ако немаше реакции во јавноста немаше да изненади ако еден ден отидеа и се поклонеа на споменикот, рече Ковачки.

Ковачки додаде дека запрепастувачки е што во ова време наместо помирувачки пораки, наместо заеднички јазик, решенија за проблемите кои ги мачат граѓаните тие се занимаваат со национализам кој не носи никому ништо.

– Отвораа споменик во Слупчане, а Арачиново истиот ден чекаше Рамазан бајрам без струја. ДУИ се промовираше како зелена партија, но каде се зелените проекти. Гледаме само национализам и тоа не е добро генерално за Македонија а пристапот со кој Ахмети сака да ги врати изгубените гласови е погрешен. Гласови треба да враќа со проекти, а не вака, изјави Ковачки.

Ковачки посочи дека сите ја префрлаат одговорноста за споменикот, но факт е дека таа лежи во институциите, не може некој да гради споменици, тие да се прогласуваат за ненадлежни.