Ковачки најави тужба за Шекеринска за злоупотреба на службената положба

Ќе ја тужам министерката за одбрана Радмила Шекеринска за злоупотреба на службена положба и ќе ја повикам цела јавност да го следи случајот, порача во петкот вечерта полковникот Драган Ковачки кој е казнет шест месеци со по 30 отсто од платата, како што објави службената новинска агенција МИА поради наводна закана кон началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски,

„Ау каков непрофесионализам.

Да дознаам од медиуми дека Шекеринска ме казнила 6 месеци на плата а не сум примил никакво решение.

Еве ја вистината:

Значи, ми наместија дисциплинска постапка за која комисијата составена од генерали веќе се произнесе дека нема елементи за казна (!!!), но Шекеринска дополнително си формира своја комисија во која дури има и лица кои се помали по чин од мене и внимавајте: без НИЕДЕН доказ донела Решение за да ме казни на плата.

Чист аматеризам и своеволие.

Сега ќе си добиете по една тужба и тоа што сте го објавиле ќе мора да го докажете, ама не пред партиска комисија, туку пред Суд. А ќе ја повикам и јавноста да го следи процесот.

Срамота, Шекеринска на што се симнавте.

Политички гледано, ова е дискриминирачки и очајнички обид на Шекеринска преку злоупотреба на службената позиција и на целосно незаконски начин да го спречи Уставно загарантираното право за јавно изразување и критика на јавните функционери, вклучително и на нејзините поразителни и популистички политики во одбраната.

Во моментов, ова е една од темите што е сосема неважна и служи исклучиво за дефокус од неспособоста и алчноста за пари што косат човечки животи.

Јас ова ќе ви го порачам:

Вашите казни и закани само ме мотивираат и докажуваат дека сум на прав пат.

Не може да ме казните за тоа што сум Ви укажал дека сте прекршиле закони.

Можете да казнувате и да се заканувате, но за злоупотреба на службена положба се одговара и кривично.

Се гледаме на Суд, одберете си добар тим правници“, објави Ковачки на својот официјален фејсбук профил.

Како што објави МИА, Ковачки, кој е и член на Извршниот комитет на опозицската ВМРО-ДПМНЕ, на Ѓурчиновски му се заканил со пораката „долга е раката на ВМРО“ испратена преку вибер комуникација. Станува збор всушност за синтагма на историската Внатрешна Македонска Револуционерна Организација.

Пред еден месец, откако Ковачки поднесе кривична пријава против министерката Шекеринска, таа на својот фејсбук профил напиша дека против полковникот се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на генералштабот..