Ковачки: Нема инвестиции во военото воздухопловство, туку уништување на способностите на македонската авијација

Денес е 10 јуни, Ден на военото воздухопловство и против воздушната одбрана на Македонија. Најпрвин на сите сегашни и поранешни припадници на ВВ и ПВО да им го честитам празникот. За жал, прославите од овој вид секоја година губат на значење, односно ја немаат соодветната тежина, освен онаа за правење на евтин ПР на политичарите и политичарките, вели Драган Ковачки.

Од моментот на доаѓање на оваа гарнитура на власт, не само што нема инвестиции во военото воздухопловство, туку имаме целосно назадување и слободно можам да кажам уништување на способностите на македонската авијација. Нема да кажам кој е степенот на исправност на борбената и транспортната техника (бидејќи податокот е класифициран), но доколку некој од надвор сака да го утврди, слободно нека го погледне јавниот документ – Стратегиски Одбранбен Преглед (СОП) и нека ги погледне леталата од претстојното денешно шоу на нашата авијација. Многу лесно ќе се дојде до заклучокот.

Тој заклучок е дека македонската авијација и бројчано и технолошки е вратена во минатиот век!!!
Во текот на изминатата деценија, во авијацијата се инвестираа сериозни суми (милионски) за модернизација и достигнување на НАТО стандардите, зголемување на ефикасноста и подобрување на безбедноста при извршување на задачите.

Сепак, сето тоа е „фрлено во вода“ со новите стратешки документи, што значи дека не само што не се ценат веќе потрошените народни пари, туку не се ценат ни Уставните обврски кои ги има АРМ и кои без борбена воздухопловна компонента (борбени хеликоптери оспособени за блиска воздушна (огнена) поддршка и за противоклопна борба) ќе се сведат на бел лист со искажани желби. Значи, успехот на копнените операции директно зависи од поддршката на авијацијата.

Дали Македонија има воена авијација или авијација која според способностите наликува на аероклубна авијација и зошто состојбата е таква каква што е, останува да ни одговорат надлежните инстанци во МО.
Во услови кога во опкружувањето, сите Армии се модернизираат и купуваат современа борбена техника, нашиот политички врв одлучил дека не му треба сериозно воено воздухопловство, туку дека му требаат само неколку хеликоптери кои ќе им се најдат за гаснење пожари или за транспорт од Скопје до Кавадарци на функционерите за ручек.

Со уништувањето на капацитетите од кои зависи македонската одбрана, се поставува прашањето на намера, односно дали ова се прави свесно или несвесно од незнаење. Ако некој се прашува зошто е таква состојбата, еве го одговорот: Затоа што никој досега не понесол одговорност (а мислам дека има настани за кои поединци можеби досега можеби требало да завршат и позади решетки). Воздухопловци, среќен празник!