Ковачки обвини за криминални јавни набавки во Министерството за одбрана

„Денес има ситуација кога генералите во Армијата односно командантите самите си купуваат за службените возила, сами плаќаат за масло за тие возила, за машините. Дури си собираат сами пари за тонер и за хартија. И сега од една страна имате тотално нефункционален систем во делот на организацијата и распределбата на финансиските средства во Армијата односно од страна на министерот. А, од друга страна имате испумпување на пари за партиски потреби“, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Филибастер“ на радио „Лидер“.

Ковачки додаде дека тоа е крајно несериозно и неодговорно, дури и срамно е за да на една членка на НАТО ова се случува.

„Еве, погледнете ако сакате да направиме споредба малку и од постратешки аспект, вие имате каде што остануваат договорни услуги за привремени вработувања дури и со ребалансот на Буџетот, меѓутоа имате кратење на капиталните инвестиции. Капиталните инвестиции се кратат за голем број на проценти, на пример модернизацијата се крати за 10% во самиот ребаланс во оваа година. Интеграцијата во НАТО се намалува за 34%. Значи зборуваме за капитални работи, а од друга страна имаме расходи за потребите на партијата. И мислам дека тоа е сосема несериозно и неодговорно за одбраната на државата, за тоа што без разлика кој е на власт, дали е Социјалдемократскиот сојуз, дали е ВМРО-ДПМНЕ на власт, во овој момент според мене не би требало да биде важно, затоа што одбраната не засега сите нас“, нагласи Ковачки.

Ковачки посочи дека ова што сега се случува е крајно понижувачки. Има доста криминални набавки во делот на јавните набавки. Како пример го посочи случајот со набавката на резервни делови за оклопните транспортери Хермелин.

„Еве кратко ќе појаснам, станува збор за договор кој што е вреден над милион и 500 илјади евра односно над 90 милиони денари. Министерството за одбрана за потребите на Армијата набавува резервни делови за оклопните транспортери Хермелини и тоа го прави по итна постапка односно бара од Биро за јавни набавки да им даде одобрение да тој договор се склучи во четири очи. Внимавајте, резервни делови набавувате, а барате да се склучи договор во четири очи поради итност како тоа да не било планирано претходно. Како да немало систем на планирање итн. тоа е сосема неодговорно, посебно за една институција како што е одбраната и војската“, појасни Ковачки.

Ковачки укажа дека ги купуваат тие делови, но не ги купуваат делови за оклопни транспортери, туку се купуваат делови за камиони. Иако одговараат и можат да се искористат за потребите на оклопните транспортери, не само што се послаби спецификациите за потребите кога би се купувале за камион туку и тие се поевтини. Е, тука е криминалот. Војската ги прима тие делови и ги вградува во Хермелините. Се крадат повторно народните пари. И сето тоа е на штета на безбедноста и на возила и на самите војници кои што ќе бидат превезувани.