Ковачки: Со програмата „Платформа 1198“ ќе се инвестираат 3 милијарди евра во капитални инвестиции и 250 милиони евра ќе се дисперзираат кон општините

Апсолутно е реално да се реализираат 1198 проекти за еден мандат. Ова е победничка програма на ВМРО-ДПМНЕ која што е базирана на големиот број на посети, разговори со граѓани кои што ги правевме кога ги посетувавме населените места. Плод на многуте јавни дебати, панели и платформи кои што сме ги имале како партија, вели членот на Извршниот комитет, Драган Ковачки во линковското вклучување на дневникот на Македонската телевизија.

Тој посочи дека програмата се работеше две години, во неа беа вклучени експерти од сите области и оваа е реално остварлива програма која се базира на економијата и во неа сите луѓе се на прво место.

„Тоа е мотото на оваа наша програма „Платформа 1198“ во која што се сместени токму толку и проекти. Во таа програма можат да се најдат работи кои што се фокусирани директно на подобрување на животниот стандард на граѓаните, секако борбата со корупцијата, отворање на еден широк, масовен институционален фронт за борба со корупција. Понатаму, станува збор за владеењето на правото и законите, односно функционирањето на институциите и системот во целост и секако тука не може да се занемарат човековите права кои што, исто така, се во фокусот на оваа програма. Во оваа програма ние планираме три милијарди евра да инвестираме во капитални инвестиции, 250 милиони евра од централната власт да ги дисперзираме кон општините со цел граѓаните да ја осетат промената која што е неопходна да се случи во Република Македонија“, рече Ковачки.

Истакна дека, ВМРО-ДПМНЕ не само што ќе победи, туку и ќе го прегази Социјалдемократскиот сојуз и неговиот коалиционен партнер ДУИ и кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт гради и тоа многу добро го знаат граѓаните, бидејќи знаат кој го изгради автопатот Миладиновци-Штип, знаат кој ја изгради автопатската делница Демир Капија – Смоквица, знаат кој ги изгради експресниот пат Штип – Радовиш и така натаму.

„Сите овие проекти кои што се гради во минатото се основа за да веруваме дека ние тоа што го ветуваме во програмата ќе го реализираме. Од друга страна ги гледате СДС кои што се неспособни автопатот Охрид – Кичево да го реализираат. 2019 година требаше да биде реализиран. Толку се неспособни што не можат да ги реализираат ниту оние два километри автопатска делница во Блаце или пак да ја санираат онаа делница Катланово – Петровец. Станува збор на целосна неспособност на СДС. ВМРО-ДПМНЕ знае како тоа да го направи, има експерти, го покажала тоа во минатото и јас верувам дека граѓаните тоа го препознаваат“, истакна Ковачки.