Ковачки: Спасовски и СДСМ вршат партизација на МВР, бивши градоначалници се вработуваат во полиција, не се почитуваат препораките на ГРЕКО и се уништува системот на кариера

Социјалдемократскиот сојуз и Оливер Спасовски, бесрамно, без никаква претходна квалификација, голем дел од поранешните градоначалници ги вработи во МВР. Спасовски директно врши партизација на полицијата, што ќе допринесе уште повеќе министерството за внатрешни работи наместо да биде гарант за законите и безбедноста на граѓаните, да биде извор на криминалот и корупцијата, изјави денеска за медиумите Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Информираше дека по губењето на изборите во министерството за внатрешни работи поранешните градоначалници Борис Георгиевски од Гази Баба, Сашо Јанковски од Вевчани, Благој Илиев од Конче, Горан Крстев – Грга од Чешиново Облешево, сите градоначалници од СДСМ кои што ја загубија трката за втор мандат биле вработени.

„Исто така Драги Тренчовски од Пехчево и Аднан Џаферовски, поразени кандидати од СДСМ за градоначалници, се дел од оние со коишто се врши брутална партизација на полицијата. Тие по изборите експресно се вработени во полиција на позиции од виш полициски советник за стратешко планирање како што е случајот со Џаферовски, до самостоен инспектор, Илиев од Конче, Јанкоски од Вевчани е пак самостоен инспектор во Охрид. Борис Георгиевски, од градоначалник во Гази Баба, Спасовски директно го вработува како главен инспектор за идентификација на ДНК Дополнително се поставува прашањето кога и како овие лица го имаат поминато законски предвидениот тест за интегритет. Ако на оваа листа ги додадеме Сунчица Алексовска во БЈБ, Емилија Александрова, началник на АНБ во Берово, Дафина Гешковска Виш инспектор во АНБ, Прилеп, како и Славјанка Петровска и Славица Грковска, сега министерки, а до вчера директно вработени во МВР, јасно е дека МВР и полицијата служи за вдомување на партиски членови без соодветни квалификации на високи позиции. Со ова се кршат сите правила, закони и меѓународни препораки. Ова е спротивно на препораките на ГРЕКО со кои директно се дадоа насоки за МВР и полицијата да се департизира. Ако на ова се додадат и промените со кои на министерот му се дозволува да унапредува по три места одеднаш станува јасно дека во МВР се поттикнува корупција и е класичен пример за партизација на институциите“, појасни Ковачки.

Запраша дали е ова теркот и за пополна на МВР со огласот за 600 нови вработувања?

„МВР со Спасовски, СДСМ и ДУИ во служба на партиските потреби е во центарот на скандалите со кои полициски началници се фатени во транспорт на дрога, убиство за кое прво се велеше дека не е убиство, кражба на оружје и муниција од сопствените магацини, нерасчистени престрелки и што ли уште не. Почитувани ова е премногу, МВР мора да биде гарант на сигурноста на граѓаните, а не да биде партиска испостава на СДСМ. Премногу е, потребни се итни избори. Приклучете се напПротестот на 18-ти јуни, пред Владата во 20 часот“, додаде Ковачки.