5.8 C
Skopje
недела, декември 1, 2024

Ковачки: Судот да отпочне одземање на деловната способност на Ковачевски, мора да се знае или е неспособен или лажоман

Судот веднаш да постапи согласно чл. 40 од Законот за вонпарнична постапка, кој вели дека постапката за одземање на деловна способност е итна и да отпочне постапка за одземање на деловната способност на дезертерот Ковачевски, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Самиот факт што постојат сомнежи дека премиерот дезертер Ковачевски може да има нарушена деловна способност, а кој се темели на уверението за трајна неспособност кое сам си го поднел до АРМ треба да биде мотив за отпочнување на постапката.

Трајна неспособност не е состојба која може да се отклони, а земајќи во предвид дека дезертерот Ковачевски не кажува дали навистина е трајно неспособен или лажел пред институциите за да не оди војска, сомнежот дека навистина е трајно неспособен и можеби има нарушена деловна способност е оправдан, вели Ковачки и додава:

„Во моменти кога јавноста будно го следи случајот, и очекува одговори, судот мора да реагира, и врз основа на членовите од 34 до 38 од Законот за вонпарнична постапка да отпочне процес за одземање на деловната способност.

Јавноста мора да знае дали за премиер има трајно неспособна личност или човек кој лажел за да избегне воен рок, и за тоа приложил потврда односно лекарско уверение. Кое и да е од двете, дезертерот Ковачевски мора да си поднесе оставка.

Доколку судот не реагира, иако за тоа постои обврска, се отвора сомнеж дека го прикрива дезертерот Ковачевски.

Одговорност мора да има. Судот да реагира согласно законските обврски и да отпочне процес за одземање на деловната способност“.