Ковачки за случајот Онишченко: Според мене станува збор за внатрепартиска пресметка дури и криминогена на СДС во АНБ

„За случајот со Онишченко не може да бега ниту директорот, а ниту министерот за внатрешни работи, а ниту пак премиерот. Зошто ова го говориме? Најодговорен ако веќе гледаме по силата на нештата би требало да биде министерот за внатрешни работи. Затоа што во негова надлежност е издавањето на државјанство, без разлика што проверката ја прави Агенцијата за национална безбедност, тука дефинитивно видовме дека има потфрлање, и тоа целосно потфрлање. Го гледавме и директорот после таа затворена седница кога даде изјава за медиуми каде што се обидуваше да објаснува за некои прстени, кругови итн. односно да ја замајува јавноста. Но, факт е дека нема никакви прстени туку има неработење, неодговорност, и најверојатно некој има земено пари“, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Ковачки додаде дека на почетокот на 2022 година односно во месец јануари беше доставен предлог за избор на новата влада, скандалот со пасошите веќе беше завршен. Значи Оливер Спасовски си доби нов мандат и пратениците што се во Парламентот го гласаа на предлог на Ковачевски. Значи Ковачевски знаел дека Оливер Спасовски е човекот кој што е најдиректно одговорен за издавањето на пасошите. Но, по само неколку месеци истото се повторува и тоа на уште потрагичен случај. И поради тоа и премиерот тука мора да носи одговорност.

„Министерот за внатрешни работи морал да испрати барање според мене и до Агенцијата за разузнавање без разлика што ете ќе викаат законски надлежности итн. меѓутоа Агенцијата за разузнавање е таа која што е одговорна за надвор. И можеби таа ќе дала некакви информации дополнително поврзани со случајот односно со лицето. На Агенцијата за национална безбедност, нејзиниот директор Виктор Димовски односно е човек кој што се обиде да ја политизира целата работа па да ја префрли на одговорноста на партиите кои што го критикувале затоа што бараат негова одговорност односно оставка. Во најмала рака оставка, јас би рекол и кривична одговорност треба да се побара. Самиот тој си кажа дека е пропуст на Агенцијата за национална безбедност“, рече Ковачки.

Тој посочи дека следствено на изјавата на Димовски, тој веднаш мораше да си поднесе одговорност бидејќи во вакви случаи каде што се нема внатрешна контрола што не е изгласана, не е поставена, можеби и свесно не е поставено лице за внатрешна контрола. Можеби за случајот се знаело и неколку месеци порано. Бидејќи еве деновиве излегуваат веќе и други случаи. Четири државјанства се споменуваат исто така дополнително во корелација со случајот со Онишченко.

„Ако земете во предвид дека се обидуваат да ја фрлат одговорноста на службеници, на некакви началници кои што можеби и се конкуренција на самиот директор за негови наследници, очигледно дека станува збор за една партиска чистка. Според мене станува збор за внатрепартиска пресметка дури и криминогена пресметка на социјалдемократите во самата Агенција за национална безбедност. И мислам дека тука не треба да има бегање од страна на директорот. Требаше досега премиерот веднаш да го разреши, да не чека две недели, веќе трета недела како сме влезени во скандалот“, рече тој.
Ковачки укажа дека доколку не се бара одговорност од директорот, значи дека и тој што не бара одговорност и тој е соучесник во скандалот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.