Ковачки: Загрижуваат континуираните кражби кои се констатирани од Ревизија за Клиниката за онкологија, а нема постапување или има целосен крах на системот

Кај јавното обвинителство постои некоја нервоза и истата ја насочува кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, мислам интерес е да се разоткрие овој грозоморен чин. А вас низ вода ве пуштија од СДСМ, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија.

„Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при сведочење на Анкетната комисија за случајот Онкологија јасно ве посочи како обвинителство дека вие ги кочите процесите, тие ве пуштија низ вода“, рече Ковачки.

Пратеникот додаде „мене ме загрижуваат континуираните кражби кои се констатирани од Ревизија на Клиниката за онкологија, а нема постапување и има целосен крах на системот и тоа е она што треба да не загрижи сите.“

„Не може да се изземете од работата за Онкологија кога во ревизорскиот извештај се изразува сомнеж за финансиските извештаи, за усогласеност нивна со законска регулатива и ова е пар екселанс за кривично дело, ако злоупотреба на финансии кажете дека не е кривично дело ќе бидам зачуден“, кажа Ковачки.

Ковачки се осврна и на низа други неправилности кои ги има во извештајот на Ревизија за Онкологија како тоа дека биолошката терапија била набавувана на реверс без формирана цена, дека е констатирана несоодветност на јавните набавки согласно со закон, отсуство на протоколи на Клиниката.

Ковачки постави и неколку прашања до надлежните, како јавното обвинителство поточно до Љубомир Јовески и до Државната ревизија.

„Прашање до ревизорот дали во текот на ревизијата утврдивте дека директорот на Клиниката за кој излезе дека е еден од главите за состојбите на Клиниката примал пациенти кои не се третирале на соодветен оддел и прашање до ЈО зошто од толку кривични пријави во текот на годините истите се отфрлале“, праша Ковачки кој додаде „дали е точно дека инспекторите од МВР кои ја одземале документацијата од Клиниката немале насоки што да бараат“.
Ковачки заклучи дека многу е јасно дека „кога нешто не е во согласност со закон и е злоупотреба на пари мислам дека е јасно што треба да се прави“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.