Кози ја спасија Библиотеката на Роналд Реган од пожарот во Калифорнија

Гладно стадо од петстотини кози ја спасија Библиотеката на претседателот Роналд Реган недалеку од Лос Анџелес од пожарите кои ја пустошат американската сојузна држава Калифорнија, пренесува во четвртокот BBC.

MARK RALSTON/AFP via Getty Images)

Управата на библиотеката во мај годинава ги изнајмила козите од претпазливост за да ја расчистат лесно запалливата жбунеста вегетација околу комлексот. Козите ја испасиле, создавајќи премин кој ги забавил ширењето на пожарот и им овозможил на пожарникарите повеќе време за негово гаснење.

Козите помогнале да се спасат експонати, како што се претседателскиот авион Air Force One“ и дел од Берлинскиот ѕид.

На библиотеката во близина на Лос Анџелес ѝ се заканил пожарот „Easy“, последниот во низата пожари поради кои ширум државата Калифорнија се наредени масовни евакуации и има прекини во снабдувањето со електрична енергија.

„Еден пожарникар ни кажа оти веруваат дека преминот кој им го расчистиле козите им ја олеснил работата“, изјавила портпаролката на библиотеката, Мелиса Гилер.

Козите ги ангажирала локалната компанија „805 Goats“ за да ја расчистат површината од 52.600 квадратни метри. Скот Морис ја отворил компанијата ланскиот ноември и наплаќа околу илјада долари за 4.000 квадратни метри. Имајќи предвид дека пожарите во Калифорнија се сѐ почести, Морис вели дека ќе мора да го удвои стадото, за да може да одговори на побарувачката за нив.

Друга голема институција на југот на Калифорнија, музејот „Getty“ во Лос Анџелес, оваа седмица исто така е спасена од огнената стихија, благодарејќи на тоа што вработените ги расчистиле грмушките кои го опкружувале.

 

Пожарите не стивнуваат

Во близината на Лос Анџелес во четвртокот избувнале уште пожари, кои втор ден по ред ги засилуваат силните пустински ветрови, пренесува Reuters.

Пожарот „Hillsidе“ кој брзо се шири, зафатил 80 хектари површина и почнал да ги голта куќите во близина на бреговите прекриени со грмушки во Сан Бернардино, источно од Лос Анџелес, според локалната противпожарна служба.

Уште два големи пожара го пустошат регионот од почетокот на седмицата. Пожарот наречен „Getty“, според истоимениот музеј во Лос Анџелес, започна во понеделникот утрото, голтајќи ги жбуновите на бреговите околу важен автопат.

Властите наредија евакуација на повеќе од 10.000 домови во некои од најбогатите градски квартови, но и во средата им беше дозволено враќањето на некои жители, откако под контрола беа ставени околу 40 отсто од пожарот кој зафати површина од 300 хектари.

Пожарот „Easy“ избувна рано утрото во средата, проширувајќи се до ѕидовите на Библиотеката на претстедателот Роналд Реган, којашто се наоѓа на планината северозападно од Лос Анџелес.