Крадци украле 20 до 30 метри бакарни цевки од штипската модуларна болница

Украдени се бакарни цевки во должина од 20 до 30 метри во модуларната болница, во кругот на Клиничка болница-Штип. Кражбата се случила пред неколку денови, што потврди и портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска.

Кражбата во Полициската станица-Штип е пријавена на 25 ноември, кога вработен во болницата забележал дека вратата на модуларната болница е отворена, по што е констатирано дека крадци биле во неа и успеале да украдат бакарни цевки во должина од 20 до 30 метри.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека според пријавата кражбата се случила меѓу 22.30 и 23.00 часот на 24 ноември. Увид извршиле полициски службеници и се работи на расчистување на случајот.

По овој успешен обид на кражба на бакарни цевки, во март годинава имаше обид за кражба на бакарна цевка од боца за кислород во гас централата, што го снабдува инфективното одделение во Клиничка болница-Штип. Тогаш крадецот се уплашил од шуштењето на воздухот, со што штетата не беше направена.

Штипската модуларна болница е затворена и во неа не се хоспитализираат пациент. Оваа зграда е одалечена од останатите згради на болницата.