Крах на Ѓукановиќ на локалните избори во Црна Гора

Коалицијата предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ претрпе пораз во неделата на локалните избори во главниот град Подгорица, додека во другите општини во кои владееше е на работ на пораз, покажуваат првичните проекции.

Локалните избори во неделата се одржаа во 14 општини, а според проекциите коалицијата на ДПС освоила 42 отсто од гласовите во Подгорица каде што на власт беше последните три децении, додека другите партии кои во своите изборни програма ја исклучија соработката со партијата на Ѓукановиќ освоиле повеќе од 53 отсто од гласовите.

Прелиминарните проекции покажуваат дека ДПС ја загубил власта во Колашин, Жабљак, Пљевља и Даниловград, а на власт ќе остане единствено во Бело Поље, Бар и Плав.

Новите власти во општините ќе ги формираат партиите кои го победија Ѓукановиќ на изборите во август 2020 година. Станува збор за просрпската партија Демократски фронт,. Демократите на поранешниот претседател на парламентот Алекса Бечиќ и Обединетата реформска акција (УРА) на Дритан Абазовиќ, актуелниот премиер.

Новата политичка сила кој се искрастализира по локалните избори е Движењето Европа сега, која ја основаа двајца министри од владата составена по изборите во 2020 година, Јаков Милатовиќ и Милојко Спајиќ. Според прелиминарните резултати, Движењето Европа сега на изборите во Подгорица е најсилна досега опозициска листа.

Листите на оваа партија направиле добар резултат во повеќето општини во кои се менуваат властите, освен во Будва каде што Демократскиот фронт го освоил апсолутното мнозинство.

Милатовиќ и Спајиќ во текот на нивниот мандат во владата ја зголемија минималната плата во Црна Гора од 225 на 450 евра, со што привлекоа солидно избирачко тело. Откако падна владата чиишто членови беа, во февруари 2022 година, го формираа движењето Европа сега.

Сепак, сериозен проблем би можело да се појави доколку дојде до жалби на изборниот процес, бидејќи поради нефункционирањето на Уставниот суд на Црна Гора нема кој да одлучува за нив.

Во петокот пратениците во црногорискиот парламент се обидоа да ги изберат уставните судии, но ниеден од четворицата предложени кандидати не го доби двотретинското мнозинство неопходно за избор.

Црна Гора од почетокот на август се наоѓа во турбулентна политичка ситуација. Тогаш премиерот Дритан Абазовиќ, и покрај противењето на коалициските партнери ДПС на Ѓукановиќ и СДП, го потпиша Темелниот договор со Српската православна црква, како и со другите религиозни групи во земјата, со што како што го обвинуваа Абазовиќ црногорското културно-историско наследство го препишал на СПЦ.

Оваа одлука доведе до изгласување недоверба на владата на Абазовиќ, која веќе два месеца е во технички мандат. Новите турбуленции искрснаа во петокот кога црногорскиот парламент на иницијативата на премиерот ги смени министрите за одбрана и за надворешни работи Рашко Коњевиќ и Ранко Кривокапиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.