Кралицата Елизабета Втора заработила 37 мииони фунти од ветерници

За британската кралица Елизабета Втора, 2017 година беше многу успешна. Имено, кралицата само за концесија за користење на своите имоти на море за ветерници заработила неверојатни 37 милиони фунти, пишува The Daily Mail.

Ова е уште една успешна година за нашата компанија благодарение на одличната соработка што ја имаме изградено со нашите партнери во обид да се задржи британското лидерство во секторот на чиста енергија, изјави Алисон Нимо, извршна директорка на The Crown Estate.

The Crown Estate е компанија во државна сопственост одговорна за управување со фондови на британската монархија и нивните приходи. Компанијата во моментов управува со имот во вредност од 12 милијарди фунти, од кои повеќето се градските имоти на кралицата.

Поголемиот дел од профитот од изнајмувањето на имотот компанијата го испраќа на британското Министерство за финансии, а помалиот дел, попознат како „Фондацијата на кралицата“, што се користи за потребите на одржување на палатите и официјалните резиденции на кралицата Елизабета Втора.

Поради бројните ветерници и морски турбини, Обединетото Кралство се смета за пионер во производството на чиста енергија во светот. Британските енергетски експерти веруваат дека до 2020 година, 10 отсто од електричната енергија во Велика Британија ќе биде произведена на чист начин, па затоа предвидуваат дека профитот на кралицата од фармите со ветерници со текот на годините да се зголеми на 250 милиони фунти годишно.

Затоа не е изненадувачки што британската монархија е главен застапник за производство на чиста енергија.