Жителите на кратовско ќе ги добијат пристапните патишта кои ги побараа

Во саботата жителите на кратовски Страцин побараа пристапни патишта, а веќе оваа недела се очекува огласот преку кој ќе се оделат средства на општината за решавање на овој проблем, пишува „Курир“.

При посетата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на кратовското населено место Страцин, жителите побараа ангажман на општината за да ги направи пристапните патишта до земјоделските капацитети и дел до живеалиштата кои ги имаат.

На лице место беше договорено да излезе во пресрет на општината Кратово Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и да стави на располагање средства на општината за реализација и изградба на пристапните патишта.

Институциите со брза реакција, денес на прес конференција заменик министерот за земјоделие Ванчо Костадиновски и директорката на платежната агенција Биљана Вуковиќ најавија дека оваа недела ќе биде распишан огласот на кој ќе може да аплицира општината Кратово и други заинтересирани општини при што ќе им се доделат средства за реализација и изградба на пристапни патишта.

По средбата со претставници на земјоделските здруженија и социо-економските партнери, Костадиновски на прес-конференција информира дека огласот за изградба на локална инфраструктура ќе биде објавен оваа недела од страна на Платежната агенција, а може да аплицираат сите општини кои имаат интерес или веќе изготвиле вакви проекти.

Викендов, при посетата на Страцин, земјоделците го посочија ова како потреба поради што веднаш го разгледавме и веќе го реализираме, истакна Костадиновски.


Тој додаде дека на денешниот работен состанок во Министерството за земјоделство е исто така договорено, по предлог на земјоделците, максималниот рок за исплата на предаденото примарно поризводство, наместо шест, да биде три месеци.

Сметаме дека повеќе од потребно е земјоделците да ги добиваат парите навреме. Така ќе можат да го реализираат производството, но да имаат и средства за егзистенција, посочи заменик-министерот.

За ова барање, додаде, ќе се интервенира во Законот за земјоделство и рурален развој. Доколку некој не го испочитува рокот од три месеци, ќе следуваат санкции. Предвидено е дури и отпишување од Регистарот на откупувачи.

Земјоделците ги поздравија најновите владини решенија, но дополнително побараа откупувачите, при договорот за откуп, да им дадат и писмена гаранција дека ќе ја реализираат исплатата во законскиот рок. Со тоа, според нив, би се спречиле секакви манипулации.

Реално е земјоделците да ги добиваат своите пари за три месеци. Но, бараме и акцептен налог како потврда дека исплатата ќе биде реализирана за три месеци, рече претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров, според кој, погубен беше досегашниот рок од шест месеци за прибирање на средствата од откупувачите.

Претседателот на Самостојниот синдикат на индивидуални земјоделсски производители Ставре Јанев додаде дека без редовен прилив, тековните обврски и потреби не се можни. – Досега имаше манипулации, се доцнеше со исплатата и по неколку месеци. Очекуваме дека откупувачите ќе ја почитуваат сегашната, најнова мерка, со што сето тоа ќе биде надминато, потенцира Јанев.

Изразувајќи особено задоволство што Владата им излезе во пресрет на земјоделците за двете решенија речиси веднаш, претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Ефтим Шаклев ја нагласи досегашната, како што рече, одлична соработка како резултат на што, сите закони се донесени во комуникација и со консултирање на земјоделците.

Одговорајќи на новинарски прашања, заменик-министерот Костадиновски рече дека нема никакви сознанија за наводен шверц на краставици, а доколку тоа го потврдат надлежните царински служби, тогаш ќе се преземат сите мерки за одземање, уништување или враќање на количините.

Исплатата на винското грозје, пак, е реализирана околу 60 отсто, а според информациите на визбите, парите во најголем дел ќе бидат обезбедени и пред законскиот рок, 31 април.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.