Кремљ е за „урамнотежен пристап“ откако Кадиров го предложи нуклеарното оружје

Кремљ заговара „урамнотежен“ а не „емотивен пристап“ во однос на нуклеарното оружје, изјави во понеделникот портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, за сугестијата на чеченскиот челник Рамзан Кадиров дека Русија, би требало да употреби „нуклеарно оружје со мала моќност или ниска радиоактивност“ за да го забрза крајот на војната во Украина.

„Кадиров има право да го изрази своето мислење, но рускиот воен пристап не би смеело да биде воден од емоциите“, коментираше во понеделникот на редовниот брифинг Песков.

Кадиров неодамна го критикуваше руското воено водство поради слабите успеси во натамошно напредување на боиштето во Украина.

„Во тешките времиња треба да се исклучат емоциите (…) Попрво даваме одмерена и објективна процена на ситуацијата“, одговори Песков на новинарско прашање, притоа пофалувајќи го „јуначкиот придонес“ на Кадиров во офанзивата во Украина.

„Основа за какво и да е користење на нуклеарното оружје е во руската нуклеарна доктрина“, изјави Песков.

Додаде дека Русија ќе се консултира со своето население во поглед на воспоставувањето на границите со украинските региони Херсон и Запорожје, чиешто население неодамна на референдуми изгласа присоединување на Руската Федерација, што за Киев и Западот е нелегално руско анектирање на украинска територија.

„Ќе продолжиме да го консултираме населението на овие региони“, одговори Песков на новинарско прашање за тоа дали се присоединуваат на Русија целите региони или само деловите кои се под контрола на сепаратистите и руските сили. Додаде дека не може да наведе во кој формат ќе се водат тие консултации.