Кремљ ги кажа условите за враќање на Русија во нуклеарниот договор

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков зборувајќи во средата за условите за целосно враќање на Русија во договорот за контрола на стратешкото нуклеарно оружје Нов СТАРТ, потенцираше дека тоа ќе зависи од позицијата Западот, односно колку тие ќе ја земат предвид загриженоста на Москва искажувана подолг период, толку би се променила ситуацијата.

Рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето во вторникот во рускиот парламент рече дека Руската Федерација го суспендира учеството во Договорот СТАРТ, истакнувајќи дека не само САД, со кои е потпишан овој договор чија важност истече во јануари 2021-ра а автоматски е продолжен до 2026 година, туку и земјите на НАТО како Франција и Велика Британија кои имаат нуклеарни арсенали.

„Сѐ ќе зависи од позицијата на Западот. (Рускиот претседател Владимир) Путин јасно кажа што нас нѐ загрижува. Сега гледам вмешаност на НАТО во конфликтот (војната во Украина), гледаме… како НАТО работи на претворање на локалниот конфликт во глобален…“, рече Песков на брифингот за новинарите акредитирани во Кремљ.

Портпаролот на рускиот претседател алудираше всушност на руското барање за обврзувачки безбедносен договор со НАТО за неширење на Алијансата кон исток и на самите руски граници, неразместување на стратешки ракетни системи во соседните земји, неприем во членство на Украина и Грузија, како и враќање на воената инфраструктура на истокот на Европа на границите до 1997 година, кога е воспоставен договорот во форматот на Советот НАТО-Русија.

Како што рече Песков во средата, НАТО сѐ уште го одржува своето отворено непријателство кон Русија.

„Покрај тоа, не станува збор само за вербален став, само за изјави, туку и за конкретни мери и дејствување, преземање мерки кои посегнуваат во нашата безбедност. Ние мораме да одговориме на тоа. Штом ќе има подготвеност да се земе предвид нашата загриженост, тогаш ситуација ќе се промени“, додаде Песков.

Кон крајот на декември 2021 година Русија писмено им ги претстави предлозите на Вашингтон и Брисел кои ја отфрлија предлогот за непримање нови членки од руското географско опкружување, но остави простор за преговори по другите теми. По речиси повеќе од месец, САД и НАТО испратија одговори во Москва, за кои во тогашниот телефонски разговор рускиот претседател Владимир Путин на американскиот колега Џо Бајден му порача дека Москва ќе ги разгледа таквите идеи, но дека тие не ги задоволуваат главните руски предлози и барања.

„Заедно со вас ја видовме првата реакција, тоа е доста консолидирана меѓу претставниците на колективниот Запад. Оваа реакција, се разбира, не ни дава причина да се надеваме на некаква подготвеност за дијалог или за преговори. Од друга страна, времето минува, околностите се менуваат и тука за Русија е многу важно да сториме сѐ за да ја осигуриме сопствената безбедност, вклучително и во прашањето за контрола и стабилност… над вооружувањето. И да се сочува трпеливиот пристап во очекување нашите опоненти да созреат за нормален дијалог“, заклучи Песков.