Кремљ: Има уште многу прашања за договорот за житарките во Црното Море

Кремљ во четвртокот соопшти дека сè уште има „многу прашања“ околу договорот за жито во Црното Море и дека во моментов нема планови за разговори меѓу претседателот Владимир Путин и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Иницијативата за црноморски житарки, со посредство на Обединетите нации и Турција во јули минатата година имаше за цел да спречи глобална криза со храна со тоа што ќе дозволи безбеден извоз на жито од три црноморски пристаништа блокирани од руската инвазија.

Договорот беше продолжен за 120 дена во ноември и треба повторно да биде обновен на 18-ти март. Сепак, не може да биде обновен доколку Русија се спротивстави, а Москва веќе посочи дека не е задоволна од начинот на кој се спроведува договорот.

„Сè уште има многу прашања за конечните приматели, прашања за тоа каде оди најголемиот дел од житото. И, се разбира, прашањата за вториот дел од договорот им се добро познати на сите“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Русија претходно се пожали дека најголемиот дел, односно повеќе од 80 отсто од украинското жито што се извезува според договорот оди во богатите земји. Исто така, Москва посочува и на случаите кога бродовите упатени кон пристаништата во Африка, на отворено море се пренасочуваат кон други дестинации каде се плаќа повеќе.

Вториот дел од договорот се однесува на меморандум за разбирање со Обединетите нации кој го олеснува извозот на руска храна и ѓубрива. Рускиот земјоделски извоз не е конкретно цел на западните санкции, но Москва посочува дека санкциите на нејзините плаќања, логистичката и осигурителната индустрија го попречуваат нејзиниот извоз на жито и ѓубрива. Покрај тоа, Москва бара и деблокирање на таквите стоки во западноевропските пристаништа за кои рече дека без надомест ќе им ги отстапи на сиромашните земји.

Шефот на ОН, Антонио Гутереш се состана во средата во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски на разговарори за продолжување на договорот, а највисокиот трговски претставник на ОН следната седмица треба да се сретне со високи руски претставници во Женева.

Во согласност со договорот, Украина досега извезла повеќе од 23 милиони тони главно пченка и пченица, покажуваат податоците доставени до Обединетите нации. Главните примарни дестинации за пратки беа Кина, Шпанија, Турција, Италија и Холандија.