Кремљ не ги коментира изборите во САД, ќе ги чека официјалните резултати

Кремљ денеска соопшти дека ќе ги почека официјалните резултати од претседателските избори во САД пред да даде коментар за нивниот исход.

Британските медиуми пренесуваат дека рускиот претседател Владимир Путин се нема изјаснето откако демократот Џо Бајден неофицијално во саботата беше прогласен за победник, на четири дена по изборите, што се одржаа во вторникот, на 3 ноември.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес конференција изјави дека за Москва е подобро да ги почека официјални резултати пред да даде било каков коментар.

Песков додаде дека Путин повеќепати има изјавено дека е подготвен да соработува со секој американски лидер и дека Русија се надева дека може да воспостави дијалог со новата американска администрација и да најде начин за нормализирање на односите, кои се затегнати од 2014 година кога Русија го анектира Крим, а Бајден тогаш беше потпретседател на САД, наведуваат британските медиуми.