Кремљ не исклучува саботажа како причина за оштетувањата на Северен тек

Кремљ во вторникот објави дека не ја отфрла можноста дека штетата на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море е предизвикана од саботажа, додека Европската комисија смета дека е прерано да се нагаѓа за истекувањето на гасот од двата цевковода кои се наменети за испораки на енергенсот од Русија во Европа.

Компанијата оператор „Nord Stream AG“, претходно во вторникот објави дека три подморски цевководи од Северен тек 1 и 2 претрпеле оштетување „без преседан“ во еден ден.

„Не може да се отфрли ниедна опција“, одговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот дневен брифинг одговарајќи на новинарско прашање за можната за саботажа.

„Очигледно дека има некакво оштетување на цевководите, а што го предизвикало, дотогаш пред да се појавата резултатите од истражувањето, не може да се исклучи ниедна опција“, додаде Песков.

Додаде дека Кремљ е многу загрижен во врска со оваа ситуација којашто бара итна истрага, бидејќи тоа претставува „проблем за енергетската безбедност на целиот континент“.

Европската комисија внимателно го следи развојот на настаните и засега не гледа никакво влијание врз безбедноста на снабдувањето на Европа, изјави нејзиниот портпарол на брифингот во Брисел.

„Комисијата беше информирана за истекување од Северен тек 1 и Северен тек 2 и внимателно ја следи ситуацијата со заинтересираните држави“, рече портпаролот.

Додаде дека ЕК следи дали има некакви последици од истекување на мета, што влијае врз климатските промени и атмосферското загадување, а во контакт е и со земјите членки за безбедноста на поморската пловидба.

„Во оваа фаза многу е преурането да се нагаѓа за тоа кои се причините… Земјите членки го разгледуваат ова прашање, ќе останеме во близок контакт со нив, но навистина не е моментот за шпекулирање“, изјави портпаролот на Европската комисија.

Германскиот дневен весник Tagesspiegel објави дека додека губењето на притисокот во трите цевковода меѓу Русија и Германија сè уште официјално се истражува, Берлин повеќе не е убеден дека тоа е случајност и се сомнева дека е „насочен напад“ или од Украина или од Русија. Според весникот, германската влада и агенциите кои го истражуваат инцидентот „не можат да замислат сценарио кое не е насочен напад“.

Во написот се објаснува дека во намерниот напад на дното на морето мора да бидат вклучени специјални сили, морнарички нуркачи или подморница. Берлин, наводно, испитува две можни сценарија. Во првото Украина или „силите поврзани со Украина“ би можеле да стојат зад нападот. Втората опција е Русија да го направи тоа како „лажно знаме“, за да ја обвини Украина и да ги зголеми цените на енергијата во ЕУ.

Шведската поморска управа во вторникот предупреди на две истекувања на гасоводот Северен тек 1 во шведските и данските води, набрзо откако беше откриено истекување и на гасоводот Северен тек 2. Истекувањето е лоцирано североисточно од данскиот остров Борнхолм, но истакнаа дека засега не е позната причината.