Кремљ не исклучува смртна казна за Американците заробени во Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во вторникот на брифинг со новинарите акредитирани во Москва изјави дека американските државјани кои биле заробени во борбите во Украина подлежат на судски прогон и дека не е исклучено дека ќе се соочат со смртна казна.

„Не можеме ништо да исклучиме, бидејќи станува збор за судски одлуки. Не ги коментираме и немаме право да се мешаме“, изјавил Песков.

Додал дека Кремљ не знае каде во моментов се наоѓаат двајцата мажи, откако нивните семејства во САД објавија дека не се вратиле од мисија во околината на регионот на Харков, на истокот на Украина.

Во понеделникот од Кремљ соопштија дека двајцата заробени Американци во Украина се платеници на коишто не се применува Женевските конвенции и дека пред судот да одговараат за своите постапки.

Минатата седмица во американските медиуми семејствата на двајца американски државјани кои дошле во Украина да се борат против проруските сепаратистички сили на истокот на земјата објавија дека подолго време се водат како исчезнати и се стравува дека можеби се заробени.

Александер Друек, на 39 години, и 27-годишниот Енди Хајн од американската сојузна држава Алабама последен пат контактирале со своите семејства на 8-ми јуни и не се вратиле од мисијата во областа на Харков. Извештаите дека биле заробени од проруските сили на истокот на Украина тогаш не се потврдени, соопштија семејствата и портпаролот на американскиот Стејт департмент.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, тогаш на новинарско прашање одговори дека САД не ја контактирале Русија во врска со извештаите за американските платеници во Украина.

„Немам таква информација, проверувам секој ден и денеска ќе проверам. Јавно објавуваме информации за судбината на притворените платеници или за оние на коишто им се суди“, изјави Захарова за агенцијата РИА.