Кремљ ниту ја потврдува, ни негира, информацијата за „елиминација на Зеленски“

Москва ниту го потврди ниту го демантираше тврдењето на поранешниот премиер на Израел дека Путин ветил дека нема да го убие украинскиот лидер

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да го потврди или негира тврдењето дека претседателот Владимир Путин ветил дека нема да го убие својот украински колега Владимир Зеленски. Песков рече дека Москва не сака да открие детали во врска со чувствителните разговори со странските лидери.

Во саботата, поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет во интервју изјави дека за време на неговата средба со Путин минатиот март, рускиот лидер постојано го уверувал и дал збор дека Зеленски нема да биде „убиен“ или „елиминиран“.

Запрашан да одговори на ова тврдење во понеделникот, Песков потврди дека двајцата лидери воделе „многу интензивен дијалог“ и „често комуницирале“ за време на мандатот на Бенет како премиер. Сепак, портпаролот одби да сподели доверливи информации.

„Навистина, на агендата, покрај билатералните односи, беше и темата на Украина“, рече Песков за новинарите. „Но, знаете дека ние не сме за откривање на деталите од разговорите меѓу шефовите на држави. Не сакаме да го правиме ова сега. Затоа, ниту ќе го побијам, ниту ќе го потврдам она што го кажа г-дин Бенет“.

Тогашниот премиер отпатува за да се сретне со Путин во раните фази на воената операција на Москва против Киев, која беше започната кон крајот на февруари. Бенет се надеваше дека ќе посредува за предвремен прекин на огнот меѓу двете страни додека руските сили навлегуваат во главниот град на Украина. Во тој момент, Зеленски, наводно, бил на непозната локација и наводно побарал од Бенет да обезбеди гаранција од Путин дека нема да биде цел на атентат.

Бенет рече дека му се јавил на Зеленски веднаш по напуштањето на разговорите со Путин, велејќи му дека нема да биде убиен. Два часа подоцна, украинскиот лидер објави видео од неговата канцеларија во Киев, објаснувајќи дека „не се крие“ и „не се плаши од никого“.