Кремљ предупреди дека Украинците ќе страдаат од испраќањето на западните авиони

Кремљ во четвртокот предупреди дека како и во претходните случаи Украинците ќе бидат тие што ќе страдаат доколку Велика Британија и другите западни земји на Киев му испратат борбени авиони, додавајќи дека Русија ќе ја продолжи својата во воена операција во Украина без оглед на тоа какво оружје Западот ќе испорача.

Во текот на посетата на Лондон и Париз во средата, и на Брисел во четвртокот, украинскиот претседател Володомир Зеленски ги повика западните воени сојузници да му испорачаат на Киев напредни борбени авиони и артилериски системи со дострел до 300 километри во рамките на следната фаза на испораки на западното вооружување со украинските сили.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави во четвртокот дека испораката на напредните борбени авиони според НАТО стандардите на Украинците ќе им донесат само дополнителна болка и страдање, предупредувајќи дека земјите на НАТО „преземаат сѐ подиректна“ улога во судирот.

„Тука не станува збор за ништо друго, туку за сѐ поголема вмешаност на Велика Британија, Германија и Франција во судирот меѓу Русија и Украина. Линијата на раздвојување меѓу посредната и непосредната вмешаност полека исчезнува. Можеме да изразиме жалење и да кажеме дека тие постапки ќе придонесат за ескалација на тензиите, ќе го продолжат судирот и ќе го направат поболен за Украина“, предупреди Песков.

Доколку Западот се согласи да испрати борбени авиони, продолжи портпаролот на Кремљ, тоа Русија нема да ја одврати од нејзината „специјална воена операција“ во Украина и таа ќе продолжи сѐ додека Москва не и оствари зацртаните цели.