Кремљ го потврди закажаниот телефонски разговор меѓу Путин и Трамп

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди во вторникот за агенцијата ТАСС дека во дневниот распоред на рускиот претседател Владимир Путин е предвиден телефонски разговор со неговиот американски колега по должност Доналд Трамп

„Да, ги потврдуваме таквите информации“, рекол Песков на барањето да го коментира извештаите од Вашингтон за телефонскиот разговор меѓу двајцата челници, ко исе повикуваат на извори од Белата куќа.

Службата за односи со јавноста на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека тој има намера телефонски да разговара со рускиот челник Владимир Путин. Според таа информација, разговорот треба да се случи околу 12,30 часот по локално време, или 18,30 часот по македонско време.

Инаку Путин во вторникот во Сочи, по речиси повеќе од две години ќе ја пречека германската канцеларка Ангела Меркел, со којашто имаа мошне тесна соработка која беше нарушена по избувнувањето на украинскиот конфликт.

Челниците на двете светски сили досега не се сретнаа лично, но имаа веќе неколку телефонски разговори, откако на 20 јануари годинава Трамп ја презема должноста во Белата куќа.

Не се соопштени темите на коишто ќе разговараат Путин и Трамп. „Двајцата лидери, веројатно, ќе дискутираат за војната во Сирија“, пренесе агенцијата Reuters повикувајќи се на извори од американската администрација.

Ова ќе биде трет нивен телефонски разговор. Првиот се одржа кон крајот на јануари, кога челниците разговараа за борбата со тероризмот, сирискиот конфликт и ситуацијата во Украина, како и за подобрување на билатералните односи кои се на најниското ниво од крајот на Студената војна. Вториот беше на почетокот на април, кога Трамп му изрази сочувство на Путин во врска со терористичкиот напад во подземната железница во Санкт Петербург.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.