Кремљ: По трагедијата во Одеса, никој не може да ги убеди луѓето во Југоисточна Украина да се разоружаат

По трагичните настани во Одеса, за Русија или која било друга земја ќе биде речиси невозможно да ги убеди луѓето во југоисточниот дел на Украина да се разоружаат, бидејќи постои директна закана за нивниот живот, изјави портпаролот на руското претседателство Дмитриј Песков, јави ИТАР-ТАСС.

„Од овој момент Русија фактички го загуби своето влијание врз овие луѓе, бидејќи ќе биде невозможно да се убедат да се разоружаат при постоење на директна закана за нивниот живот“, изјави Песков.

Според него во такви услови тоа не е во можност да го направи ниту една земја во светот.

„Во Одеса невооружени лица беа изгорени живи“, истакна Песков.

Во вчерашните судири и пожар во Одеса меѓу проруски и анти руски приврзаници загинаа 41 лице. Властите во градот денеска прогласија тридневна жалост.