Кремонезе го исфрли Наполи од Купот

Napoli's midfielder Eljif Elmas (L) and Cremonese’s defender Johan Vasquez in action during the Coppa Italia round of 16 soccer match between SSC Napoli and Us Cremonese at the ' Diego Armando Maradona ' stadium in Naples, Italy , 17 January 2023. ANSA / CIRO FUSCO

Големо изненадување направија фудбалерите на Кремонезе кои во осминафиналето од Купот на Италија, на гостински терен го совладаа моментално водечкиот тим во Серија А – Наполи на македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас по изведувањето на пенали со 7:6; 2:2, 2:2.

Тоа беше натпревар меѓу веројатно најдобриот (Наполи) и веројатно најслабиот (Кремонезе) тим во Серија А во моментов, а Кремонезе допрва треба да победи никого во првенството оваа сезона. Сепак, во Купот го постигнаа највисокиот резултат сезонава досега и го исфрлија тимот кој има 40 бода повеќе од нив во Серија А (47-7).

Гостите од Кремона поведоа во 18 минута, а стрелец беше Пикел. Сепак, Наполи до крајот на полувремето успеа да го сврти резултатот. Најпрвин израмни Бразилецот Хуан Жесус во 33 минута, додека Аргентинецот Симеоне во 36 минута го доведе Наполи во водство.

Во останатиот дел од натпреварот Наполи го смири ритамот и ги контролираше случувањата на теренот до 87 минута. Но, тогаш Афена-Гјан постигна гол со глава за 2:2 и натпреварот отиде во продолжение.

Од 100 минута Наполи имаше играч повеќе откако беше исклучен гостинскиот играч Серниколо, а Наполи и покрај бројните шанси до крајот не постигна трет гол за да избегне пенали. Гостите беа поуспешни во ударите од белата точка, а само Лоботка не ја затресе мрежата. Во четврт-финалето Кремонезе на домашен терен ќе ја пречека Рома.

По дербито против Јувентус пред неколку дена, Наполи одмори многу свои играчи. Кварашелија го немаше ниту во тимот, а во игра во последниот дел од мечот влегоа Замбо Ангуиса, Зиелински и Политано, а во продолженијата најдобриот стрелец Осимхен.

Претходно:

Интер – Парма 2:1 продолженија (Мартинез 88, Ачерби 110/Јуриќ 38)
Милан – Торино 0:1 продолженија (Адопо 114)
Фиорентина – Сампдорија 1:0 (Барак 25)
Рома – Џенова 1:0 (Дибала 64)

Четврток, 19-ти јануари: Аталанта – Специја, Лацио – Болоња и Јувентус – Монца

Четвртфинални двојки:

Интер – Аталанта или Специја
Кремонезе – Рома
Фиорентина – Торино
Јувентус или Монца – Лацио или Болоња