Криминалното функционирање ја урива економијата, ги брка младите, а лошто справување со Ковид-19 е капак на се

Сите овие години од осамостојувањето па наваму живееме со надеж дека утре ќе биде подобро, а постојано сме во транзиција со изразена сиромаштија, при што не нè одминаа пропратните трендови пораст на криминалот и корупцијата и масовното иселување на младите. Како капак на целата ситуација е пандемијата на коронавирусот.

Дали од сето ова нешто може да се промени по изборите? Како да се спречи криминалот и да се ослободиме од синтагмата политиката е највносна работа, како и од спрегата меѓу политиката и бизнисот, се дел од прашањата кои се наметнуваат. Во последните години не тресеа неколку случаи на криминал во која се замешани политичари, стопанственици, водечки луѓе на институции како СЈО, подземјето итн. „Рекет“ беше најистакнат имаше судска завршница, иако многу работи останаа нерасчистени, а се чини и многу личности заштитени, пред сè политичари. Да беше еден случај, ќе беше добро, но тие се повеќе и се навлезени во општествените пори. Кој ќе се справи со ова? Можно ли некој да го ресетира системот, бидејќи до сега беа неуспешни.

Ова си има поголем општествен одраз, заминување на младите во белиот свет со карта во еден правец. Тоа е голем минус за секоја држава, посебно за мали како Македонија, затоа што се одлева млада и квалификувана работна сила, па се јавува недостаток на работен кадар, двигателна сила, стареење на населението, односно намалување на наталитетот.

Иако нема точен податок колку луѓе се иселиле, во јавноста и во аналитичките кругови се оперира со бројка од 400 до 600 илјади граѓани на Македонија, што е околу 25 отсто од вкупното население. Фрапантно. Но, кога ќе се погледне во структурата, се забележува дека доминираат лекари, информатичари, инженери, добро остручени мајстори, тоа е аларм дека нешто мора да се презема, за да се запре оваа тенденција и да имаме обнова на кадарот и системот, оти сè друго ќе биде жално и трагично. Во сите населени места се чувствува недостатокот на лекари, а за добар мајстор може да си чекате и да си чекате.

Нормално, ова се одразува и на економијата која со пандемијата на коронавирусот и неснаоѓањето, ненавременото реагирање, во вакви услови е со катастрофални последици. Стручњаците прогнозираат пад до 3,5 отсто, додека невработеноста рапидно скокна во овој период, 19 илјади луѓе останале без работа. Многу сектори тешко опстојуваат, а одредени мерки доцнеа. Од друга страна, ќе останеме и без приливот на пари до странство и како дознаки и како директна потрошувачка на нашинците во летниот период, но и како сезонска заработувачка со работа во странство, тоа се стотици милиони евра. Затоа треба радикални резови за закрепнување на економијата за поголем замав со помош на државата, за да се одрази на повеќе сегменти, односно мотивирање на младите да работат во нашата земја со убедување дека ќе имаат пристојна заработувачка со која ќе може нормално да живеат и многу поедноставно да можат да ги обезбедуваат основните работи – стан, автомобил, школување на децата, одмор. Еден таков чекор беше со разработувањето на технолошките зони, но мора и повеќе од тоа.

Од март до јуни регистрирани се 455 илјади граѓани кои живеат на праг на сиромаштија, коишто живеат со помалку од 108 денари дневно. Минималната помош за овие семејства изнесува 4,000 денари за домаќинствата со еден член до максимални 10.000 денари за семејствата со 5 члена.

Во месец мај Македонија беше рангирана на дното во Европа според помошта за спас на економијата и според компаративната анализа со податоци од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Институтот за истражување на економијата „Сазадвеѓ“.

Во првите три месеци буџетската дупка беше 120 милиони евра, според предвидувањата годишната би била 1,3 милијарди.

За справувањето со пандемијата на коронавирусот има повеќе мислења, оние од официјалните власти се дека Македонија добро се справува иако сме водечка земја по бројот на починати на 100.000 жители, а и заболени. Според други мислења, тоа лошо го правиме и дека се соочуваат со тотално фијаско. Забележливо е дека креирањето на јавното здравје е во директна спрега со политиката, крајно исполитизирано. Тоа е голем проблем за кој во иднина треба да најдеме начин да се справуваме. Не смее да се политизира струката и со тоа да се влијае на нивните одлуки. Таквата фијаско стратегија се сруши како кула од карти, што е грешка на тие кои ги креираат таквите политики. Одговорност треба да има.

Кој и да победи на изборите ќе има што да работи за да ги обнови сите овие сектори и да ги споре негативните процеси.