Криминалот нема да остане неказнет!

Злоупотреба на службата и службената положба, се возат службени коли за приватни потреби и сето тоа на државна сметка со пари на граѓаните, се редат тури до Солун и Охрид исто така со службени возила, криминални тендери, неразјаснети убиства, запалени автомобили и рекетот стануваат наше секојдневие. Струмичкиот модел од „Едно евро за Вицето, едно евро за црквата“ од Струмица се префрла на цела територија на државата. Ова е сликата за државата за само една година и неколку месеци откако со неа управува Зоран Заев.

Редица криминални случаи, а нема разврска. Полицијата стана нем набљудувач, а како и поинаку може да биде кога со неа управува Оливер Спасовски, човекот кој само неколку месеци откако стана министер додели милионска јавна набавка за набавка на возила за потребите на МВР на кумановската фирма „Де Лукс Ауто“ која се јавува како финансиер на СДСМ, партија во која тој беше генерален секретар. За случајов известуваа медиумите, се бунеа граѓаните, но реакција нема. По овој им тргнаа и со другите тендери.

Професионалци се менуваат со партиски војници. Не постои полициска станица во државава каде не се деградираат професионалци и незаконски се прераспоредуваат, само затоа што не се согласуваат со политиките на Заев и Спасовски, а на нивно место се ставаат како што би рекол Заев „наши“. Тоа може да се очекува од човекот, кој како градоначалник на Струмица се фалеше дека командирот на ПС Струмица е со книшка од СДСМ. Јавно се фалиш дека Лазе Велковски е СДСМ, а сега поставуваш човек на чело на униформираната полиција кој е апла партиски обоен, сликан на сите партиски протести. Зоране овој пат ја претера, до овде и ништо понатаму. Република Македонија не е твоја приватна сопственост. МВР не е твоја фирма каде може да се вработуваат другарите од партија. МВР е служба на граѓаните и таа функција набргу ќе и ја вратиме. Всушност ова последново се’ повеќе одекнува и од западните метрополи чија поддршка велиш дека ја имаш, но кои згрозени од начинот на кој ја практикуваш власта преку разни извештаи како оној на ГРЕКО ти даваат јасно до знаење, дека со криминал до гуша во ЕУ не се оди. Во ЕУ не се оди ни со безбедносни сили чии припадници неколку месеци работат во субстандардни услови, немаат уноформи, а во касарните добиваат слаба храна. Во ЕУ вака не се оди.

Функционална полиција и ефикасна борба против криминалот се едни од основните пилари на државата, кои ти ги разниша. Ги разниша, но нема да ги урнеш. А, ти Зоране, ти се нишаш Зоране, тоа добро го знаеш и нема да ти помогне ниту еден капитулантски договор. Затоа што правната држава е императив, граѓаните не сакаат да живеат во држава каде полицијата мора да молчи додека насилници тепаат жени полицијаци, па под притисок да велат дека не се тепани, туку дека пајакот ги удрил, само за да се обезбеди коалициски мир. Тоа не е правна држава, тоа е криминална држава. Тоа е насилие.

Но, да се вратиме на твојата омилена тема Зоране, тендерите. Додека се редат тендери, а се редат многу и нив како што гледаме ги добиваат само блиски луѓе на власта, добро понекогаш и Вицепремиерот Анѓушев, не се лутете мора човекот од нешто да живее, нели се откажа од платата, но затоа никаде не кажа дека нема да конкурира на тендери, тендер за тендер се изредија многу добија сите, за кого нема тендер има грант, за кого нема грант има вработување во државно и така власта си тера од ден за ден. Јавноста си прозива, а власта абер нема, водени од максимата „транспарентно“ почнаа транспарентно да не крадат. Сето ова го прават и правеа со презумпција дека народот ќе се плаши, ќе молчи и нема да реагира. Тука ја утнаа пресметката, народот не само што не молчи, туку е гласен. Не само што е гласен туку и го фати крадецот (власта) жив како го краде. Крадецот е фатен, а народот е премногу свесен, свесен е за се што му стори оваа власт, од економската кражба за која пишувам, но и за националната. Власта е фатена во кражба и ќе одговара, како за криминалот, така и за распродажбата на националните интереси, за едното пред суд, за другото пред народот.

Криминалот нема да остане неказнет. Законот ќе се почитува, а Република Македонија повторно ќе биде правна држава, иако некој од власта тоа не го посакува, тоа ќе се случи. Сепак треба да се учи од народните мудрости, а една стара вели: „Што си сеел, тоа ќе жнееш“.

Автор: Орце Ѓорѓиевски, Член на извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ