Кристијанштад новата „жртва“ на Вардар

Европскиот првак Вардар е чекор поблиску до директен пласман во четвртфиналето на ракометната Лига на шампионите откако во 10-то коло од групната фаза во саботата вечерта го совлада во Скопје шведскиот претставник Кристијанштад со 31:15 (14:8), со што постави нов клупски рекорд од 15 натпревари по ред без пораз во ЛШ, и 20 меча во низа сезонава без пораз.

„Црвено-црните” се единствен тим што на сите натпревари сезонава во Лигатта на шампионите освојувал бодови.

Истовремено ова е највисока победа на Вардар во Лигата на шампионите, а досегашниот рекорд изнесуваше 13 голови разлика остварен во 2013 година против Вакер.

Куриозитет од натпреварот во салата „Јане Сандански“ е што вардаровиот голман Арпад Штербик имаше повеќе одбрани отколку што ривалот постигна голови. Штербик во првото полувреме одбрани 9 топки, а гостите од Шведска постигнаа 8 гола. Вардар имаше предност од 14:8 како најава за освојување на нови три бода на контото и зацврстување на првото место во групата каде ќе остане и ќе ги дочека последните четири натпревари од групната фаза.

Вардар против Кристијанштад по подолго време заигра повторно игра во комплетен состав, во тимот се вратија и Македа и Мораеш кои пропуштија неколи натпревари поради поврда.

За само девет минути игра во второто полувреме Вардар веќе имаше двоцифрена предност (19:8) како најава за убедлив триумф. Неговите ракометари играа лесно во нападот, со многу комбинации и на моменти со атрактивни потези „за публиката“.

На средината на второто полувреме Вардар имаше позитива од 13 голови и водство од 22:9. Кристијанштад за 21 минута во вториот дел постигна само два гола. Првиот во 39 минута, а вториот во 51 минута. Во меѓувреме нападот на Вардар играше како растоварено и максимално ефикасно, а Арпад Штербик додаде уште шест одбрани и плус одбранет удар од седмерец. Во 48 минута првпат Вардар водеше со 16 голови разлика (25:9), и потоа уште еднаш во 52 минута. Предноста ја задржа до крајот, за конечните 31:15.

Арпад Штербик натпреварот го заврши со вкупно 17 одбрани од што и еден пенал. Тимур Дибиров постигна седум голови, а Игор Карачиќ пет.

Вардар го задржа првото место на табелата со 18 бодови и како лидери ќе ги дочекаат последните четири кола од групната фаза во февруари 2018 година. Во зависност од исходот на дербито меѓу Нант и Барселона, разликата меѓу Вардар и второпласираниот тим може да биде три или четири бода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.