Кристофер Хил: Загрижен сум за многу прашања поврзани со денешна Србија и Балканот

Кандидатот за американски амбасадор во Белград, Кристофер Хил, синоќа во Сенатот изјави дека постојат бројни прашања што го засегаат во однос на денешна Србија и на Балканот.

За време на дебатата пред Комитетот за надворешни работи при Сенатот, што е прв чекор во процесот на потврдување на неговата номинација за амбасадор во Белград, Хил истакна дека односот меѓу владите во Белград и во Босна и Херцеговина ќе биде клучен за соработката меѓу САД и Србија.

– Пред се, многу е важно да имаме јасни разговори со владата во Белград, да ги убедиме да разберат дека нивото на нашите напори во БиХ и во Западен Балкан ќе остане многу сериозно. Многу внимателно ќе следиме кој помага работите да се движат во вистинска насока, а кој не. БиХ е клучно прашање за нашата соработка со Србија во иднина, нагласи Хил.

Тој изјави дека ситуацијата во БиХ е попроблематична од претходно, бидејќи раководството на Република Српска презема чекори за одвојување на судството и армијата од институциите на ниво на БиХ. Според него, ситуацијата во БиХ е се попроблематична, дека Република Српска презема чекори за трансфер на надлежностите во областа на правдата и заедничката армија, но дека српскиот претседател Александар Вучиќ бил многу јасен оти нема да има промени и континуитет на поддршка во овие области.

Хил изрази уверување дека може да се најде заедничка основа со властите во Белград за овие прашања, додавајќи дека доколку биде потврдена неговата номинација, ќе има важни разговори на таа тема.

– Треба тесно да соработуваме со Србите на заедничката позиција дека мора да го поддржиме единството на БиХ. Србите не треба да имаат илузии дека ќе се залагаме за некакви еднострани промени во Босна. Треба да ставиме до знаење дека иднината на Република Српска е во БиХ, а не во некој друг ентитет, нагласи Хил.

Коментирајќи го дијалогот меѓу Белград и Приштина, Хил оцени дека е постигнат напредок, но не е доволен, нагласувајќи дека Европската унија не сака членки кои имаат проблеми со соседите.

Хил се осврна и на прашањето за странското влијание во Србија, велејќи дека загрижувачки е тоа што Белград се врти кон Русија за одредени набавки за армијата и кон Кина кога се во прашање инфраструктурните потреби.